Санда Ристовски е најдобриот млад дизајнер на „Fashion Selection“

25 април 2014

Младата и креативна српска дизајнерка Санда Ристовски ја доби наградата за најдобар млад дизајнер на годинешното издание на белградскиот Fashion Selection.

Наградата на Ристовски и беше врачена во средата вечерта во раскошниот амбиент на хотелот Москва, каде покрај на Санда, награди беа доделени и за најдобрата колекција, визуелен идентитет на модна ревија, најдобра дизајнерка и најдобар бренд.

Шармантната Санда за Fashionel вели дека наградата воопшто и не ја очекувала, но и дека истата многу и значи.

„Наградата навистина не ја очекував и многу ми значи. Тоа е голема потврда дека сум на вистинскиот пат и дека публиката го препозна мојот труд и љубовта која ја вложувам во оваа работа. По оваа колекција што ја презентирав на Fashion Selection, сакам да се посветам на изработка на вечерни фустани и нешто што се нарекува Висока мода, а истовремено подготвувам и колекција за деца и тинејџери“, вели Санда.

Не можевме, а да не ја прашаме кога и дали воопшто планира некои од нејзините парчиња да ги презентира и во Македонија, каде веќе има одредена група обожаватели.

„Би ми била голема чест да ја прикажам мојата колекција пред македонските љубители на модата. Уште повеќе би се радувала на тоа, бидејќи и моите корени потекнуваат токму од Македонија“, појаснува Санда за Fashionel.

Покрај наградата за најдобар млад дизајнер, на свечената церемонија беше доделена и наградата за најдобар дизајнер која отиде во рацете на модната дизајнерка Кристина Беквалац.

Сузана Периќ ја доби наградата за најдобра дизајнерска колекција на модниот викенд, а за најдобар бренд  Fashion & Friends. Најдобра колекција за пролет/лето 2014 освои  модната куќа Мона, која исто така ја доби и наградата за најдобра ревија според изборот на читателите на дневниот весник Блиц.

Следното, 25 – то издание на „Fashion Selection“, ќе се одржи од 12-ти  до 22-ри октомври 2014 година.

Објавено:
25 април 2014
Категорија: 
Актуел