Моден камбек на бамби принтот

6 мај 2014

Во светски познатото и реномирано списание за мода Elle, заменик  веб уредникот  Рути Фридландер секогаш знае да ги изненади своите фанови промовирајќи интересни принтови, дезени и апликации кои  според неа ќе бидат актуелни и трендовски за сезонава.

Неверојатен е фактот за повторното појавување на бамби принтот или уште „срна“  дезенот на модната сцена. Минатата сезона француската модна куќа Живанши го афирмираше во своите дизајни и направи вистинска револуција, која што ги поттикна и другите дизајнери, но и комерцијалните брендови како Карвен и Асос да го вметнат во своите креации. И тоа според многумина беше вистински моден погодок. Се чини дека понекогаш модните параметри знаат да осцилираат и на еден малку по неконвенционален начин и тоа да биде одлично решение кое ќе го сврти вниманието на сите трендсетерки. Индивидуалноста и уникатноста во создавањето на модни визии е секогаш примарна цел на оние што сакаат да промовираат оригиналност во својата модна приказна.

Затоа, сите вие кои ги обожавате принтовите и носите облека со леопардови и зебрести дезени пробајте да го освежите вашиот моден изглед со нов принтовски потпис. Здолниште со миди должина во молив крој, со висок струк, со срна принт и висок шлиц на средина, во комбинација со еднобојна маичка ќе направи да изгледате несекојдневно, впечатливо и модерно.

Не се ограничувајте во изборот, доколку вашиот моден фетиш се фустаните или пак палтата, тогаш разгалете ги вашите модни преференци со едно вакво безвременско модно парче. Она што е важно е да биде во срна принт.

Објавено:
6 мај 2014
Категорија: 
Тренд