Знаете ли дека Камерон Дијаз, Ума Турман и Ештон Кучер кариерата ја почнаа како манекени!? Модните писти за нив беа отскочна даска, а искуството пред објективите на модните фотографи им помогна подобро да се снајдат пред филмските камери.
Даен Кругер
Денес ја знаеме од филмовите „Троја“ и „Неславни копилиња“ и ја обожаваме поради нејзиниот беспрекорен стил на црвениот килим, ама знаете ли дека кариерата ја почна како манекенка под нејзиното вистинско презиме Даен Хајдкругер. Не само што работеше како манекенка, туку и беше една од најуспешните во 90-тите години. Оваа Германка на 15 години се пријави и победи на националниот избор за Elite Model Look и ја претставуваше својата држава на светскиот натпревар во 1992 година. Набргу стана едно од најпрепознатливите лица на модните писти, се појави на безброј насловни страници на најапознатите модни магазини и стана заштитно лице на најпрестижни модни и козметички куќи како Шанел, Џорџо Армани, Диор, Луј Витон, Келвин Клајн, Ив Сен Лоран...
Ештон Кучер
За да си ги плати студиите по биохемија на универзитетот во Ајова, Кучер работеше како хигиеничар – сѐ додека не беше откриен од страна на скаут на една модна агенција. Веднаш се пресели во Њујорк каде што почна да работи како манекен. Пред да го добие ангажманот во серијата „Седумдесеттите“ и да стане популарен актер, Ештон имаше ангажман во модните камапањи на Келвин Клајн и на брендот Abercrombie&Fitch.
Камерон Дијаз
Како типична калифорниска девојка од соништата уште на 16 години почна да се занимава со манекенство и поради професијата живееше и работеше во Јапонија, Мексико, Австралија, Мароко и Франција. Направи соработка со брендови како Келвин Клајн и Левис. Исто така позираше за насловните страници на неколку магазини. Манекенството го замени со глумата кога во 1995 година, иако немаше актерстко искуство, ја доби главната женска улога во филмот „Маска“.
Ченинг Тејтум
И овој актер кариерата ја почна како манекен и тоа за брендови како D&G и Sean John. Неговиот изглед му помогна да добие улоги од типот на стриптизер во филмот „Магичниот Мајк“, а оваа година магазинот People го прогласи за најсекси маж на планетава.
Фамке Јансен
Еден поглед кон Фамке и ќе претпоставите дека во одреден дел од животот мора да била модел! Погледнете ѝ ги долгите нозе, фигурата и тие јаболчници... Додека се занимавала со манекенство оваа Холанѓанка посетувала и часови по глума, а во 1995 година доби улога во еден од филмовите за Џејмс Бонд, „Goldeneye“. Во последниве години позната е по серијалот филмови „Иксмен“.
Џејсон Луис
Неговото лице и тело се најдоа на големи билборди во Њујорк во серијата „Сексот и градот“ каде што ја имаше улогата на момче на Саманта Џонс, ама лицето и телото на Џејсон Луис и во приватниот живот ги красеа билбордите низ целиот свет рекламирајќи познати модни врендови. Русокосиот манекен изгради успешна кариера во машкото манекенство и соработуваше со брендови како Валентино, Томи Хилфигер и Хуго Бос.
Мила Јовович
Некои ја познаваат од модните писти, други пак од филмското платно. На девет годишна возраст почна да работи како модел, се појави во неколку епизодни улоги во филмови и серии, а по успехот на филмот „Петтиот елемент“ во 1997 година, успешно ги балансира филмската и манекенкската кариера. Била заштитно лице на најголемите модни брендови Диор, Версаче, Келвин Клајн, DKNY и Армани.
Ума Турман
Полни усни, истакнат нос, руса коса и висина од 181 сантиметар се пропорции доволни во 80-тите години кариерата да ја почне како манекенка, за подоцна да му се препушти на актерството. Денес важи за една од најголемите филмски ѕвезди, а повремено снима по некоја рекламна кампања за моден или козметички бренд.