Верижни модни визии од летната колекција на Небојша Толески

4 јуни 2014

Модниот новинар и дизајнер Небојша Толески вчеравечер во главниот хол на Младинскиот Културен Центар ја претстави својата најнова летна колекција насловена „Верига“.  Името на колекцијата воедно го објаснува процесот  од инспирацијата, па се до изработката и  текстурите од најновата  женска колекција за тековната сезона. Толески кој е познат по тоа што преку облеката ја нагласува сензуалната страна на понежниот пол, овој пат од  своето најново дизајнерско дело понуди поголема доза сексапил, нагласена преку длабоките деколтеа и кратките фустани и здолништа. Ревијата сама по себе беше поразлична и во однос на манекенките на писта, па така чекореа и неколку девојки со суптилни облини што дополнително придонесуваа за нагласување на сексапилот и женственоста од креациите.

Сите 14  изгледи на писта  ја следеа техниката на спојување од неколку текстури во кошули, слоевити кратки здолништа, кратки шорцеви, коктел фустани над колена, обоени во микс од темни и светли колорни нијанси. Необична ни беше и поврзаноста  на етно мотивите, односно инспирацијата од духот на старите времиња, со панк деталите како фризурите и накитот, за кои тој вели дека му одело потешко додека успеал да ја направи координацијата.

-Морам да признаам дека беше многу тешко. Неколкупати правевме проби како би изгледало да се поврзат етното и панкот, на крај ја најдовме адекватната слика која би требало да изгледа на самата ревија, објаснува Небојша.

Бидејќи е профил на личност инволвирана во македонската мода како новинар, но и како дизајнер го прашавме кои се олеснителните околности при создавањето и пласирањето на една колекција кога модата е во новинарството и новинарството во модата?

-Многу е полесно да направиш модна ревија  кога си моден новинар, од причина што си поврзан со сите луѓе што се во модниот свет. Така што се ти е на едно место, кога сакаш може да побараш се што е поврзано со модата. Во тој поглед ми е многу полесно да ги создадам колекциите, меѓутоа процесот на самата колекција трае доста долго, дури и имав некои парчиња што не ги довршив и не ги презентирав на писта.  Искрено оваа колекција ја работев четири месеци, но се работеше на специфични кроеви кои требаше да се слеваат и да изгледа како да се изработени од иста текстура, вели Небојша и додева дека има планови освен во Скопје колекцијата  да ја претстави и надвор, но сите очекувања во однос на пласманот и продажбата на „Верига“ ја очекува од Дубаи.

-Имам понуди од Белград, Загреб, Рига, но сето тоа е под знак прашалник ќе видам колку можам, зашто пред се потребни се финансии. Сите мои колекции ги продавам во Дубаи, што ми е и најважно, така што од таму најмногу и ја црпам инспирацијата. Ние сме мал пазар, а парите се во Дубаи, завршува Толески.

Инаку, на ревијата меѓу публиката имаше повеќе новинари од медиумите кои дојдоа да му ја дадат поддршката на својот колега.

Објавено:
4 јуни 2014
Категорија: 
Колекции