Ресорт колекциите на Луј Витон и Шанел со промоции на егзотични локации

13 мај 2014

Се чини дека модното шоу кое Диор го имаше пред неколку дена во Бруклин,за презентација на нивната најнова ресорт колекција беше доволен моден предизвик и за останатите големи дизајнерски модни куќи да почнат со своите промоции.

Француската луксузна модна куќа на чело со креативниот директор Николас Гескиер најави дека за прв пат ќе настапи на модното шоу кое ќе се одржи во кралството Монако, по повод промоцијата на нивната ресорт колекција. Настанот ќе се одржи во палата на принцот Алберт и принцезата Шарлин од Монако кои воедно ќе бидат и почесни гости на манифестацијата. Ова ќе биде второ претставување на Гескиер, после неговиот деби настап на Париската модна недела. Модното шоу ќе се одржи на 17 мај.

Креативниот тим на модната куќа Шанел пак, на чело со неприкосновениот крал на модата Карл Лагерфелд следејќи ги стапките на своите конкуренти реши нивниот моден перформанс за најновата ресорт колекција да го одржи утре во земјата на сонцето, Дубаи.

Карл Лагерфелд знае како да го спои задоволството и уживањето со своите работни обврски и ангажмани. Шоуто ќе биде и повеќе од гламурозно со оглед на фактот дека на почесната листа на гости се најдоа имињата на Ванеса Паради, Кристен Стјуарт, Кеира Најтли, Кара Делевињ и други.

Временската прогноза најавува дека термометарот утре во Дубаи ќе достигне дури 36 степени целзиусови, а се очекува моделите на Шанел дополнително да ја загреат модната писта.

Објавено:
13 мај 2014
Категорија: 
Актуел