Од Детроит со љубов - изложба на Брус Вебер

21 јуни 2014

Пред околу една година Ана Винтур и Брус Вебер имаа заеднички ручек во Њујорк. Ваквата средба воопшто не ги изненади претставниците на медиумите со оглед на фактот што Винтур е иконски моден уредник на списанието Vogue и уметнички директор на Condé Nast публикациите, а Вебер пак е фотограф кој ужива светска слава.

Причина за ваквата средба помеѓу двете ѕвезди е всушност организирањето на изложба во Детроит потпишана од страна на Вебер. Станува збор за претставување на околу 80 фотографии и краток филм за луѓето и специфичните места од градот Детроит кои Вебер преку својот објектив ги уловил на еден специфичен начин.

Изложбата е организирана од страна на Институтот за уметности во Детроит заедно со главниот куратор Ненси Бар и со поддршка на Condé Nast. Свеченото отворање се случи вчера вечер, а како специјален гостин, на забавата се појави Ана Винтур.

Одговорните во Институтот за уметности на официјалната прес конференција која се одржа во четвртокот, ден пред официјалното отворање на изложбата не сакаа да откријат колкава е висината на финансиската поддршка со која Condé Nast учествуваше во изложбата. Одговорната за односи со јавноста Ен Мари Ериксон, само додаде дека станува збор за „значителен“ финансиски придонес.

Фотографиите кои се објавени раскажуваат приказни од патувањата на Вебер во Детроит, секојдневниот живот и културата на градот, но има и дел каде се изложени фотографии од познати личности како Ареа Френклин, Иги Поп, и слично. Вебер приликата ја искористи на изложбата да прикаже и неколку кадри од најуспешните рекламни кампањи кои ги има сработено. На тој начин проектот доби една целина и разноликост во однос на претставување на фотографската уметност која е доловена од различни сегменти.

Портфолиото на Вебер е навистина фасцинантно. На јавноста и е познат по неговата работа за модната куќа Келвин Клајн и Abercrombie & Fitch. Со децении е главен фотограф во списанијата Vogue, Vanity Fair, Rolling Stone и многу други. Неговите фотографии се изложени низ музеите ширум светот, а се закити и со номинација за Оскар за документарецот кој го опишува животот на џез трубачот Чет Бејкер, насловен Let’s Get Lost.

Во една од своите изјави за медиумите Вебер вели дека и покрај големото искуство и обемот на неговата работа, имало нешто што направило да се заљуби во Детроит, во луѓето, во нивниот стил, разиграниот дух, веселата подвижност...

Објавено:
21 јуни 2014
Категорија: 
Сцена