Евровизиската победничка Кончита ја затвори ревијата на Жан Пол Готје

10 јули 2014

Модниот дизајнер Жан Пол Готје важи за еден од најконтроверзните куториери во светот на модата. Имено, вчера на модната ревија за висока мода во Париз уште еднаш ја потврди својата неконвенционалност и оригиналност на големо изненадување на присутните  со тоа што ја повика евровизиската победничка Кончита Вурст да го затвори неговото модно шоу кое ги презентираше тенденциите за висока мода за сезоната есен-зима 2014/15.

1908382_793142907397464_6758291441463098511_n

Појавувањето на славни личности на модната писта не е ништо ново за Жан Пол Готје. Неговите музи Дита фон Тис, актерката Роси де Палма, како и пејачките Бет Дито и Мадона, веќе оствариле соработка со „бунтовното момче“, епитет по кој е познат Готје во модата. Тие се појавиле во негови креации на затворањето на модните перформанси, па така и вчерашниот спектакл на висока мода не беше ништо помалку „ѕвезден“.

Се чини дека никој и ништо не може да го спречи овој дизајнер постојано да шокира и да ги поместува границите во модната индустрија. Новата модна икона на пистите според Готје ќе биде брадестата пејачка од Австрија, Кончита Вурст.

Вурст окарактеризирана како femme fatale со брада е алтер егото на 25-годишниот Томас Нувирт, која оваа година победи на евровизискиот натпревар со моќната балада „Rise Like a Phoenix“. Победничката песна одеше во позадина додека Кончита чекореше на пистата облечена во црна долга креација декорирана со златни, црвени и сребрени елементи за да се разбие монотонијата на композицијата, вештачки трепки, фамозната брада и коса која во предниот дел беше собрана со тул, а од страната беше поделена во две опашки кои беа надополенти со црвени светкави ленти. Кончита беше готската невеста која приреди фасцинатен крај на шоуто на Жан Пол Готје.

Готје уште еднаш докажа дека знае како да приреди вистинска модна сензација, која ќе испише ново поглавје во модната историја.

-and-JPG

 

Објавено:
10 јули 2014
Категорија: 
Сцена