Веднаш по спектакуларниот огномет кој го означи стартот на фестивалското лудило, точно на полноќ на 10 јули на главната сцена започна настапот на Pet Shop Boys кои воодушевија со аудио – визуелниот спектакл. Впечатливи беа целата костимографија, сценографијата и ефектите кои во комбинација со познатите хитови на групата ја оставија публиката буквално без здив.
Меѓу останатите позначајни настапи беа на Stromae I Disclosure. Фановите на Stromae уживаа во комбинацијата на латино ноти со модните трансформации, а воедно славниот Белгиец дополнително ја подгреа атмосферата со тоа што на публиката и' се обрати и на српски јазик.
Главни ѕвезди на денс арената беа едни од најактуелните електро состави, Disclosure кои ја забавуваа публиката со двочасовен сет, а новиот концепт на нивниот настап со невидена техничка продукција, одлично осветлување и видео ефекти, гарантираше одлична журка.
Денеска и утре според програмата, фестивалското лудило треба да продолжи со настапите на Skrillex, 2Cellos, Negative,Black Amiga, Rundek Cargo Trio, Bernays Propaganda и други.