Убавината и предноста на „фестивалската“ мода е тоа што нема правила и ограничувања во стилскиот избор! Буквално секој микс на стилови, форми и бои е дозволен благодарение на опуштениот амбиент на мултимедијалните фестивали на отворено.
Токму викендов, Лондон беше домаќин на фестивалот „V“, каде сите уживатели на поп и рок музиката можеа храбро да експериментираат со својот аутфит дозволувајќи си несекојдневни комбинации.
Уличната мода за време на фестивалското лудило ги спои ултимативните актуелни трендови со индивидуалните стилски пораки кои ги испратија посетителите меѓу публиката и изведувачите на сцената.
Она што може да се селектира како „најобожувано“ модно парче на годинешново издание на фестивалот е краткиот топ комбиниран во најразлични креативни варијанти: со разресени детали, спарен со панталони или здолништа со висок струк, или пак со кратки џинс бермуди.
Она што останува незаменлив момент на сите музички фестивали, во однос на уличниот стајлинг, е задолжителната црна кожена јакна и моторџиските чизми, најчесто комбинирани со мини ранчиња и „ленонки“.
Секако не изостана и шаренилото од бои и принтови, па не ретко може да забележиме и комбинации во јаки, неонски бои или пак мешавина на два или повеќе колорни принтови.