Трендот на сезоната: Гластонбери ја претставува новата верзија на комбинезонот жена – мачка!

1 јули 2014

Ако сакате нешто апсолутно смело за сезонава, а сте голем фан на комбинезони, тогаш ова е вистинскиот текст за вас. Девојките од Гластонбери наметнаа нов тренд што или го обожувате или го мразите!

Иако комбинезонот од латекс (во случајов жерсе), беше вистински хит пред многу години кога жената – мачка за прв пат се појави во него, денеска очигледно повторно станува вистински тренд.

Токму во сличен таков комбинезон, овој пат со принт, беа забележани неколку познати шик девојки на годинешното издание на музичкиот фестивал Гластонбери во Англија.

Прекрасната актерка Сиена Милер дефинитивно беше предводничка на овој тренд на Гластонбери која се појави во комбинезон со принтови од колекцијата на младата лондонска дизајнерка Екатерина Малишева.

Дека нејзините комбинезони стануваат ултра популарни во модниот свет, докажа и Рита Ора која на истиот фестивал се појави во ист модел со сличен принт како оној на Сиена Милер, а го комбинираше со црвена кожена јакна и бели чизмички.

Покрај овие две ултра познати трендсетерки, во комбинезоните на Екатерина на годинешното издание на Гластонбери се појавија и градските девојки Мери Чартерис, Џејми Вајнстоун и Клара Пагет, со што покажаа дека дизајните на овој сосема свеж и нов бренд, ќе бидат вистински хит сезонава.

„Се чувствувам навистина неверојатно и многу сум им благодарна на девојките што ги носеа моите дизајни“, изјави младата Русинка Екатерина која во Лондон работи под брендот „ЕКАТ“.

Нејзините креации привлекоа навистина големо внимание на фестивалот, а успешниот пат го продолжија на забавите и фестивалите на Ибица.

„На еден фестивал морате да носите нешто многу удобно и едноставно за да може да се движите наоколу и да играте. Нашите дизајни се многу лесни за облекување и секако, за движење и играње. Како што сите знаеме, на ваквите фестивали има многу кал, многу често врне дожд, а нашите комбинезони е многу лесно да се исчистат“, вели Екатерина.

Таа додава и дека би сакала нејзините дизајни да ги види на девојки како што се Ријана, Лејди Гага и секако Мадона!

Ние сме убедени дека ова е стилот на Ријана и дека многу наскоро ќе ја видиме во еден од секси комбинезоните од линијата на „ЕКАТ“.

Објавено:
1 јули 2014
Категорија: 
Тренд