Во што се состои магијата на 1950-тите?

16 јули 2014

Честопати 1950-тите се инспирација за бројни уметници, а меѓу нив и модни дизајнери. Некои се инспирираат од модата во тоа време, други од музиката, трети од стилот на живот... Како и да е, 1950-тите очигледно имаат своја посебна магија.

Во тоа време музиката, а со тоа сега и легендарниот Елвис Присли, се сметаат како сили на лошото, а воедно се и виновниците за „скршнување“ од вистинскиот пат на младите. Стриповите пак, се доживуваат како секташки алманах. Во оваа деценија мирните семејни односи стануваат „разбранувани“ од генерацискиот јазол.

Ова се години кога младите момчиња посакуваат да бидат бунтовни мачо типови како Џејмс Дин и Марлон Брандо, а девојките даличат на  Грејс Кели и Лиз Тејлор, кога сиот џепарлак се трошел на винилки и вестерни... Кожените јакни и џинс се задолжителен дрес код, а место за љубовен состанок се авто-кината.

Имитирајќи го изгледот на ѕвездите, девојките одбиваат да се облекуваат како мини копии на своите мајки. Тие посакуваат индивидуалност. Всушност, тинејџерите од 1950-тите се првите кои се спротиставуваат на „законите“ и поставуваат една контра-култура која и по начинот на облекување, но и генерално по животниот стил се спротиставува на ставовите на постарата генерација.

Оваа декада е особено значајна и за развивањето на модата. Имајќи предвид дека 1940-тите го имаа вкусот на војната, 1950-тите донесуваат нов правец во модниот израз. Тоа воедно претставува и крај на облеката која изгледа како стерилна верзија на војната униформа за цивили. Така, после аскетските бои и минималистичките кроеви на воените 1940-ти, на улиците се забележуваат комбинации со доза на конзерватизам, но и гламур, елеганција, женственост.

Вниманието и посветеноста на секој детаљ - од марама во коса, па до потпетицата на чевлите, претставува многу повеќе од каприц. Тоа е начин на живот. Цветните принтови, риги, принтови со точки се задолжителни, а материјалите меки што уште повеќе ја нагласуваат силуетата.

Кај постојаните женски фризури задолжителен е волуменот, марамата украс без кој не може да се замисли ниту еден изглед, по можност со големи цветови или панделки. Кога е накитот во прашање бисерите го красат вратот на речиси секоја девојка, а од аксесоарите омилени се и мачкестите очила за сонце и свилените ракавици.

Сите жени, без разлика на нивната професија, сео бединети под една желба, а тоа е да се чувствуваат како филмски диви. Ставот дека покажувањето на голем интерес за мода од страна на мажите е многу немажевно - останува, а со тоа остана и конзервативното машко одело.

Не е изненадување дека Париз во тие години е модна мека. Две години по завршувањето на војната, Кристијан Диор со својот револуционерен „New Look“ ја нагласува сензуалноста на долго сокриените женски облини, а со тоа ја идеализира фигурата на песочен часовник. Вниманието секогаш се насочува кон истакнување на женскиот струк, па молив здолништата со висок струк се едни од омилените парчиња. И додека Диор ги исполнува соништата за бегство и романтика, Кристобал Баленсијага со драматичните парчиња и вештите конструкции кои изгледаат едноставно, дава модерна верзија на стилот во 1950-тите.

Доминантни дизајнери во овој период се Пјер Балман, легендарната Коко Шанел, за чија работа интерес покажува само американското издание на Вог. И покрај тоа, нејзиниот дизајн влезе во класика. Но, средната класа сепак нема пари за couture. Затоа, од друга страна конфекцијата „цвета“.

Оваа декада е исполнета со шарм што и денес е неодолив, а 1950-тите се златни години со голема доза на оптимизам, после бурниот период. И покрај тоа што следната деценија носи сосема нов и исто така впечатлив сензибилитет, модата, музиката, филмот и стилот на животот во оваа достигнаа безвременска вредност, станаа класика која и понатаму ќе инспирира и по која ќе се мечтае.

(извор: Fashion.hr)

Објавено:
16 јули 2014
Категорија: 
Стории