Одлични ѕвездени комбинации на хуманитарниот бал на Леонардо ди Каприо на Сен Тропе

24 јули 2014

Американскиот актер Леонардо ди Каприо ја организираше неговата прва гала вечера во име на неговата хуманитарна фондација која што се грижи за природата и дивиот свет. Настанот за кој се зборуваше цело лето, се одржа во една од најубавите и најголемите винарии во срцето на магичниот Сент Тропе.

Гала вечерата имаше за цел да се соберат пари за заштита на некои од најзагрозените области на планетава во кои живеат животински видови што се во изумирање. Покрај оваа цел, дел од собраните средства ќе одат и во фондовите за заштита на водените површини и на шумите ширум светот.

„Се соочуваме со страшна криза кај природата, криза што не е запаметена во човечката историја. Шумите кои што се пресудни за чистиот воздух и кои се нашето најдобро оружје против климатските промени, се сечат во неверојатни размери“, посочи актерот во неговото обраќање до јавноста.

Ексклузивната гала вечера беше спонзорирана од луксузниот бренд за накит Шопард, а на забавата присуствуваа голем број на познати личности кои уживаа во прекрасниот Сент Тропе.

Помеѓу присутните, најголем впечаток оставија новите најдобри пријателки Селена Гомез и Кара Делевињ кои до пред некој ден уживаа во нивниот заеднички одмор на италијанската ривиера.

Прекрасна беше и девојката на Леонардо, германската манекенка Тони Гарн која се појави во одличен фустан во зелена боја од пролетната колекција на Ели Сааб.

На сцената се појави и француската актерка Марион Котилард облечена во нежен и елегантен бел фустан, а подеднакво прекрасна во бело беше и актерката Џоан Колинс.

Гостите ги забавуваше фронтменот на групата U2 кој овојпат се одлучи за самостоен акустичен сет без останатите членови на бендот.

Објавено:
24 јули 2014
Категорија: 
Сцена