Беатрикс Ост е писателка, дизајнерка, уметница, театарски продуцент, жена со богато животно искуство, но и она што е најважно: дама која никој не остава рамнодушен. Кога би прочитале било каква содржина поврзана со неа или нејзино интервју, прво што ќе забележите се нескриените симпатии на новинарите кон неа. Освен што зрачи со позитивна енергија, оваа дама е во своите седумдесетти години и е синоним за тоа дека стилот не познава возрасни граници.
Нејзиниот стил е храбар, непоколеблив токму како и нејзиниот дух и темперамент. Може да ја видиме и со импровизирана шапка-гнездо на главата, а тоа пак да изгледа екстрагавантно.
Како свој прв контакт со модата се навраќа во детството и посочува дека тоа било кога вратоврските на нејзиниот татко ги користела како ремени, а како свои најдраги модни креатори ги набројува Вивијен Вествуд, Филип Трејси, Comme Des Garcons и Јоши Јамамото, а за сите нив заеднички е токму авангардниот дизајнерски израз кој е омилен во личниот стилски опис на Беатрикс.
Она што е нејзин заштитен знак, а како што вели и самата без што не може да живее, е карминот во темно црвена боја, а покрај тоа и прстените и турбаните.
Духовитата дама која добар дел од својот живот заработувала и како модел, еднакво внимание посветува и на креативноста во секојдневниот живот и на сите омилени дневни ритуали поврзани со модата. Често нагласува дека за неа темпото кое го диктира светската модна сцена е пребрзо и динамично, а единственото нешто што на крајот од денот се исплати е да инвестирате во својот личен, препознатлив стил, секогаш водени од оригиналната креативност.