Пистите од Њујорк акцентираат на спортско-класичните изгледи за следното лето

9 септември 2014

Откако на почетокот од њујоршката модна недела се претставија не толку звучи дизајнерски имиња кои допрва го градат својот статус од американскиот моден пазар, изминатите денови од викендот љубителите на модата имаа можност да уживаат и во презентациите  на популарните и истакнати дизајнери и брендови. Во продолжение издвојуваме дел од нив како Томи Хилфигер, Каролина Херера, Викторија Бекам, Дона Каран и Зак Посен. Секој од нив следејќи го препознатливиот дизајнерски сензибилитет, ја прикажа и замислата од колекциите „ready to wear“ за сладната пролет-лето сезона 2015 година.

Томи Хилфигер на писта донесе микс од класичен и урбан стил

Сигурно е дека американскиот дизајнер Томи Хилфигер не ги разочара неговите модни почитувачи.  Дека остана доследен на својот дизајнерски печат доказ беа класично-спортските изгледи кои дефинитивно пулсираа во американски ритам. Патриотски настроен, Хилфигер на пистата постави американски мотиви како знамето, ѕвездите, па дури и дел  од креациите носеа инспирација од униформите на американската војска.  Црвената боја, графичките принтови, пругите и ѕвездите имаа акцентирана улога од лежерните фустанчиња, џемпери, мантили. Покрај впечатливите принтови, на писта беа презентирани и монохроматски класични парчиња кои имаа урбана нота преку интересните војнички шапки. Според Хилфигер и следното лето нема да се збогуваме од „цигара“ панталоните со висок струк и елеците кои освен на Томи Хилфигер ги видовме и во модифицирани форми и од други презентации. Јасно е дека за следната сезона Хилфигер има своја таргет група, а тоа се помладите девојки кои преферираат спортски шик-изглед.  Дека дизајнерот имаше таква стратегија, покажа и тоа  што на писта се појави младата манекенка Кендал Џенер која носеше комбинација од бикини со принт од ѕвездички и краток шорц во винско црвена нијанса.

Каролина Херера создаде игра со цветни сложувалки и оригами

Очекувано беше дизајнерката Каролина Херера да презентира колекција претежно за зрели жени кои имаат јасно изграден стил.  За неа воопшто не претставуваше клише тоа што за колекцијата се инспирираше од предвесниците на прoлетта- цвеќињата. Луксузните текстури дополнително беа украсени со цветови како лилјани, магнолии и рози, кои преку игра меѓу дводелни комплети создаваа интересна комбинација што потсетува на сложувалка.  Колекцијата на писта се развиваше и во имагинацијата на Херера кон уметничките техники, па така можеше да се посведочи и на минималистички црно-бели здолништа и кратки топови кои наликуваа на сликарски платна, што всушност открија една нова Каролина Херера, подготвена за експериментирање. За разлика од претходните созони, овој пат таа беше многу посовремена, создавајќи тридимензионални тоалети кои продефилираа од крајот на ревијата. Иако употреби доста принтови, умереноста остана во фокусот од колекцијата од која несомнено е дека ќе се пронајдат многу девојки и жени, но и славни дами кои сигурно веќе избраа некоја од тоалетите за на црвен килим.

Високите потпетици веќе не се задолжителни за Викторја Бекам

За следната сезона пролет-лето 2015, Викторија Бекам покажа доста промени во однос на нејзините дезајнерски презентации. Сега откако е јасно дека сака да направи подем во малопродажбата, Бекам се стреми кон создавање парчиња што ќе бидат поблиску до припадничките на понежниот пол што практикуваат класичен стил, а не нагласен сексапил. Можеби, оваа колекција беше најизненадувачка за публиката во Њујорк, бидејќи сите очекува малку поинаква и поженствена колекција од Викторија. Како увертира од изгледите на писта таа прикажа комбинации од пастелни нијанси на мантили, палта во сафари стил со ремени кои ја нагласуваат половината, потоа следуваа црно-белите парчиња од споени макси здолништа и предимензионирани блузи, за на крај колекцијата да доживее моден расплет од комбинации со розови цветни принтови. Викторија Бекам е позната по тоа дека ги обожава високите потпетици, а иако таа се појави во ткави, тоа не беше случај и за моделите на писта кои носеа нападни ниски каубојки и црни сандали на платформа. Сепак, според Викторија тоа важи за нејзините клиенти, но нè и за неа.

Дона Каран по колоритните мозаици од DKNY, прикажа и женствен минимализам

Фарел Вилијамс сигурно прави „истрага“ околу шапката што тој ја популаризираше, парче на бабата на панкот Вивиjен Вествуд. Нагодуваме дека тоа е така бидејќи дизајнерката Дона Каран очигледно се инспирирала од истата и на писта од најновата колекција презентираше неколку слични модели на предимензионирани ренџерски шапки кои имаа малку свечен печат, но со многу слични форми кои секако потсетуваа од оние на Вествуд.  Пред да ја претстави колекцијата пролет-лето за 2015 година, дизајнерката Дона Каран ја прикажа и колекцијата за подлинијата DKNY која беше инспирирана од уличната уметност, зачинета со многу графички принтови и јаки бои. За разлика од линијата за DKNY, следната беше многу поразлична со стремеж кон нагласување на женственоста преку смирени кроеви од „молив“ здолништа, лелеави коктел фустани, елегантни црни тоалети и едноставни кошули. Како и за повеќето дизајнери, така и за Кран избор беа црно-белите изгледи, како и кратките топови кои таа ги презентираше и во нови форми што сигурно ќе бидат прифатени од пошироката маса.  За разлика од другата линија, Дона Каран  донесе не толку јаки бои и хипнотизирачки принтови, овој пат тие беа во рамките на пастелните нијанси и портокаловата која единствено контрираше како појака од останатите.

Зак Позен со баланс меѓу уметноста и комерцијалното

Дизајнерот Зак Позен неодамна се изјасни дека му е важно да создава парчиња кои ќе се продаваат и нема да стојат на закачалка. Дека се води по таа девиза покажа и на своето последно претставување од њујоршката модна недела каде пред публиката изнесе софистицирана и елегантна женска силуета што  доминира преку едноставноста која го открива најдоброто. Белата, црната и црвената, како и за повеќето дизајнери беа водечките бои од колекцијата. Суптилниот допир на драматичност беше проткаен низ свечените  тоалети претежно во кроеви што се движат до телесната линија, такви во сирена крој, но и склуптурални форми и оние со наметки што дополнително ја истакнаа драматичноста. Покрај кокетл фустаните и долгите тоалети, Позен не заборави да ги удостои и дамите кои преферираат формален и деловен изглед, па од случајот не беа исклучени ниту комплетите од класични сакоа и тесни панталони со висок струк.

Објавено:
9 септември 2014
Категорија: 
Колекции