Минималистичка шминка за невести: истакнете ја природната убавина

10 септември 2014

Оваа сезона на голема врата е актуелна лесната и ненападна шминка која ја нагласува само природната убавина. Трикот е во тоа да изгледате свежо и одморено, со употреба само на основната козметика за шминкање. Ретко која невеста шминката ја изведува сама, а повеќето невести се одлучуваат довербата да ја препуштат на професионалните стилисти за шминка. Икако, тоа ќе го изведува професионалец, сепак одлуката е ваша каква шминка ќе посакате. Венчавката е ден кога треба да изгледате совршено, а нежната шминка само ќе ја надополни целата романтична приказна.

Силно нагласените очи и усни истовремено веќе се комплетен „аут“, па доколку сакате нагласете само еден дел од лицето, а никако и очите и усните истовремено. Со пудрата, коректорот за подочници, маскарата, црниот молив или туш и неутралното руменило за усните ќе постигнете совршен изглед. Ваквата шминка е одличен избор посебно за невестите кои и онака не практикуваат многу шминка, па така ваквиот „мејкап“ е идеалниот за овие дами.

 

Сепак венчавката е момент каде ќе се фотографирате многу, а оттука и потребата за шминка е неопходна. Доколку наскоро се ближи вашиот голем ден, охрабрете се да искористите основна козметика која ќе го нагласи најдоброто на лицето, а вие ќе блескате со неверојатен шарм.

Објавено:
10 септември 2014
Категорија: 
Бела соба