Kога помисливме дека Ријана не може да биде повеќе од модна икона, осамна насловната страна на списанието Tush magazine. Едиторијалот вклучувајќи ја и насловната страна на списанието прикажува неверојатно моќна фотосесија на жена која не само што е вистински моден камелеон на стилови, туку и на карактерни ликови во кои дефинитивно ќе пронајдете дел од себе. Жедни сте за моќ, сексапил, провокативност, стил, заведување, насмевки, длабок поглед, ноншалантност, шармантност, па дури и по малку наивност, тогаш морате да го погледнете најновиот едиторијал на црномурестата пејачка од Барабадос.
Фотографските кадри далеку од градската џунгла ги направи Гомилион Леополд, а Ријана уште еднаш покажа зошто е модна муза и миленичка во светот на шоу бизнисот. На еден мошне необичен начин презентираше лик на жена-волк, моќна кралица на студенилото, тропска секси амазонка, па дури и морска нимфа. Уште еден интересен факт е дека во оваа фотосесија Рири со својот изглед, потсетува и на легендарната „Сторм“, која ја глумеше Хали Бери во филмот „X-men“. За инвентивната модна визионерска сложувалка на шминка и фризура се погрижија Јусеф Вилијамс и Лора Арелано, додека стајлинзите ги стилизираше Надја Рат.
Поп ѕвездата го маѓепса фотообјективот со долгата сребреникаво-сива коса, комбинации на темни парчиња облека и јака шминка каде посебно е нагласен погледот и усните. Инспирирајте се од моќта на внатрешната сила која ја поседувате и зграпчете го денот со стил, став и шарм.