Викторија Бекам ја отвори првата продавница во Лондон

24 септември 2014

Долгогодишниот сон на Викторија Бекам, конечно стана јаве.  На популарната Довер улица во Лондон, дизајнерката ја отвори својата прва продавница која ќе биде нејзиниот втор дом и катче каде  креативно ќе ја насочува и олицетворува нејзината енергија. На простор од 6040 метри квадратни и три ката луксузни модни креации и додатоци, продавницата наликува на уметничка галерија.

Целосниот ентериер е дизајниран од страна на архитектот Фаршид Мусави, професор на Харвард, во чие работно портфолио се вбројуваат зданија како што е Музејот на современа уметност во Кливленд, Охајо.

„Сакав да создадам простор кој ќе биде концептуален, но во истовремено топол и пријатен за сите гости и клиенти“, изјави Бекам, која не можеше да ја скрие возбудата и задоволството од одлично сработената работа.

Официјалното отворање на првата продавница на Викторија Бекам ќе биде утре-четврток.

„Постојат голем број луѓе што беа со мене од самиот почеток на моето патување и сакам секој кој ќе дојде во продавницата да се чувствува добредојден, без разлика дали има намера да купи нешто или сака да ја види архитектурата. Сакам луѓето кои ќе дојдат во продавницата барем и на една минута да почувствуваат дел од мене и мојот моден пулс“, додава дизајнерката.

Се што се наоѓа во продавницата, од понудата на облека и аксесоари до изгледот на гардеробите, златните држачи за облека и закачалките, сите го носат печатот на Викторија Бекам . Исто така во продавницата има многу мал број на ќеси, бидејќи купувањето може да се врши преку iPad, со што би се одбегнала потребата од гломазни каси наоколу.

Дизајнерката открива дека во продавницата ќе бидат изложени исклучиво нејзини дизајни на што е особено горда. Начинот на кој е распоредена облеката и модните додатоци е комплетно во духот на тоа како нејзе и се допаѓа. Според Бекам просторот е мошне флексибилен и приспособен за постојано надградување во поглед на презентирање нови модели и давање предност на веќе постоечките, кои се омилен додаток во гардероберите на сите обожаватели на брендот.

„Сакам да си „играм“ со моите производи. На моите клиенти сакам да им понудам еден поинаков начин на модерен шопинг и искрено се надевам дека секој што ќе дојде во мојата продавница ќе доживее едно сосема поинакво искуство“, открива Бекам.

Што се однесува за инвестицијата на една ваква продавница, дизајнерката вели  дека влогот бил навистина голем.

„Она што за мене е најважно е да им овозможам на сите жени во мојата продавница да го купат она што го гледаат на писта или во модни списанија по пристапни цени. Кога зборувам за ова не мислам само на облека туку и на модни додатоци како накит, чанти, чевли, паричници, очила за сонце, приврзоци и слично“ обаснува Викторија.

Викторија раскажа и како децата заедно со Дејвид реагирале кога ја виделе продавницата.

„Навистина беше „кул“ кога децата и Дејвид дојдоа да ја видат продавницата. Тие буквално трчаа горе-долу по скалите и во еден момент Бруклин истрча до мене и ми рече:„Ова е „најкул“ продавница било кога„“, а Круз пак ми вели: „Леле мама најпосле има соодветна работа““ низ смеа раскажа Бекам.

Џиновските скалила кои ги поврзуваат трите ката од продавницата се направени од полиран бетон, надополнет со полици од нерѓосувачки  челик, златни држачи за облека, цик-цак закачалки и огромни огледала. Исклучок прави само најгорниот кат чија површина е целосно во мрежест изглед изработен од бетон.

На влезот  е поставена огромна лизгачка врата, а делот околу скалите кој ги поврзува првиот и вториот кат е празен простор кој Викторија сака да го потполни со фотографии од модели на писта. Вториот кат е резервиран за сите „ready-to-wear“ колекции, каде има поставено и огромни гардероби.

„Кога јас одам во шопинг, редовно со мене носам барем едно дете. Затоа решив гардеробите да бидат пространи и комотни не само за мајките, туку  и за нивните најмили“, открива дизајнерката.

Според Викторија Бекам локацијата на Довер улицата е идеално место за нејзината продавница поради опкружувањето со други продавници од сличен тип, но и галерии и ресторани.

„Гледав многу различни локации, но верувам во судбина и се случи токму Мајфер локацијата на Довер улицата да ме плени пред сè со својата неверојатна енергија, но и со околината“, рече Викторија.

Зак Двејн, главен и извршен директор на брендот, рече дека е од клучно значење продавницата да биде целосно одраз на карактерот и личноста на Викторија Бекам.

 

Објавено:
24 септември 2014
Категорија: 
Актуел