Креативни зимски комбинации во модерен градски ритам

31 октомври 2014

Дами, знаете дека топлите есенски денови нема да траат уште долго, затоа ви предлагаме што поскоро да се прилагодите на ниските студени температури и подготвени да ги дочекате зимските денови. Тоа дека е зима не значи дека треба да се откажете од светлите, пастелни нежни и романтични тонови, напротив, бидете креативни и обојте ги сивите и тмурни снежни денови.

Капутите во нежна пастелна боја, што беа особено популарни изминатата студена сезона, можете да ги носите секојдневно на работа. Неверојатно стилскиот капут со едноставен крој, а особено атрактивната боја ќе внесе шармантна свежина во вашето секојдневие. Комбинирајте го со сиви или беж нијанси за да презентирате елегантен и безвременски изглед.

Класичното boyfriend сако во комбинација со фармерки во цигара крој и добар пар чизми ќе го нагласат урбаниот сегмент во фокусот на вашето модно пулсирање. Надополнет со доза на флексибилност овој изглед ќе ви овозможи полесно но стилско и модерно движење низ градските улици.

Комбинацијата на здолниште со должина до глужд е одличен избор за сите вљубенички на шик – елеганцијата. Овој стајлинг најдобро можете да го стилизирате со едноставни црни чевли на потпетица и меко плетиво. Впечатливиот жолт тон ја разбива монохроматска игра на црно – белите нијанси и му дава неверојатна разиграност на целиот изглед.

Кога станува збор за создавање на зимски модни приказни имајте во предвид дека слоевитиот изглед е мошне популарен оваа сезона, па не се ограничувајте во изборот и храбро експериментирајте.

 

Објавено:
31 октомври 2014
Категорија: 
Тренд