Стилски и топли комбинации за студено време

12 јануари 2015

За оние што ја обожаваат зимата, истата сигурно не претставува никаков проблем за комплетирање на зимските парчиња гардероба. Но, другите  што не многу го сакаат снегот, температурите под минус, студениот ветар и дождот, временските прилики не ретко влијаат депресивно. Доколку се пронаоѓате во оваа категорија тогаш дефинитивно не треба да дозволите времето кај вас да резултира и со депресивен изглед. Се со цел да ве мотивираме да ги комплетирате комбинациите без никаков изговор, издвојуваме неколку парчиња кои ќе го направат вашето секојдневие повесело и без стилски отстапки. Светските блогерки се вистински пример од кои можеме да се инспирираме, а нив им е добро познато дека уште долг период без разлика на годишното време, ќе владее спортската елеганција. Кожените мото чизми и панталони како најактуелни ги поседува речиси секоја девојка, нив не мора секогаш да ги спојувате само со спортски парчиња туку и со поженствени. Еден таков пример е комбинацијата под фотографијата која ве насочува  да ги споите во варијација од дамска бунда, до војничко спортско палто.

 

 

Досега многупати сме пишувале дека долгите шал-марами и туниките се незаобиколни од топлите зимски изгледи. Овие парчиња ставете ги на првите полици од плакарот за да ги имате да дофат. Зимските комбинации не секогаш мора да бидат слоевити, бидејќи доколку имате впечатлива и доволно топла волнена туника или џемпер, доволен ќе ви биде само класичен капут во минималистички крој.

Ако пак преферирате слоевитост, тогаш потенките пуловери или класични сакоа храбро комбинирајте ги под капутот. На фотографијата блогерките вешто ги стилизираат со тоа што ја нагласуваат половината со ремен, дополнуваат со впечатлив шал врзан на интересен начин. Освен тоа не се ограничувајте класичните парчиња да ги комбинирате само со такви во истиот фазон. И во овој случај важи правилото дека нив можете да ги споите и со патики. Во модните метрополи ваквите изгледи се најчестите, затоа разбранувајте ја креативноста и пробајте нешто поинакво.

 

Карираниот дезен како тренд од 90-тите остана доминантен и во зимските колекции за 2015 година. Доколку се пронаоѓате во рокерските комбинации, тогаш оваа зима во плакарот треба да имате една топла и весела карирана кошула или кратка спортска јакна. Комбинирајте ја со бојфренд фармерки и зимски шешир со широк обод. Вака облечени дефинитивно ќе изгледате модерно, затоа пркосете му на студеното време на вистински стилски начин  кој нема да биде ограничен со никакви бариери.

 

 

 

 

 

Објавено:
12 јануари 2015
Категорија: 
Направи сам