Џесика Стам - доминантна и моќна на насловната на Numéro

31 октомври 2014

Се чини дека празничната еуфорија полека, но сигурно се ближи кон својата кулминација барем кога во прашање е динамичната модна индустрија. Модните кампањи на светските брендови и куќи пулсираат во божиќен интензитет, а истото се случува и со насловните страни и едиторијали на дел од најпознатите модни списанија и магазини. Креативните тимови се стремат да создадат секогаш поинаква модно спакувана приказна која во себе ќе ја носи магијата на празниците кои следуваат.

За ноемврискиот број, руското списание Numéro, одлучи да ја презентира својата модна визија за претстојните Божиќни празници. Во новиот едиторијал насловен Lux, главната улога ја доби канадскиот модел Џесика Стам.

Фотографските кадри кои се направени главно на градските пешачки премини се дело на фотографот Алан Џелати. Стам, презентираше моќни стајлинзи кои гравитираат преку контрастните игри на впечатливи живи бои во комбинација со чисти црно – бели тонови и строги кроеви надополнети со геометриски, форми, слоевити облици и графички принтови.

Едноставниот изглед и минимализмот во однос на модните додатоци презентираат доминантна жена која  ужива во празничниот дух на еден поинаков и оригинален начин.

 

Објавено:
31 октомври 2014
Категорија: 
Фото галерија