Одличната Фиби Фило по кој знае кој пат ги воодушеви вљубеничките во нејзиниот бренд Селин со нова, ресорт колекција за 2015 година.
За истата, таа направи и сосема едноставен и минилистички лукбук во кој единствениот фокус беше ставен на новите парчиња од колекцијата, без помпезни реквизити кај сцената.
Сите оние што беа фасцинирани од последната кампања на брендот во која популарната манекенка Дарја Вербови се појави без грам шминка и ја најави колекцијата, сега имаат причина плус да се радуваат.
Новата колекција на Селин, како што објасни и дизајнерката, го става целиот акцент на плетените решенија за стилски зимски денови.
Речиси сите парчиња во колекцијата се одраз на софистициран минимализам, без некоја богата колоритна палета, односно со најголем фокус на црната и белата боја.
Дел од колекцијата е и омиленото ИТ парче на трендсетерките ширум светот, долгиот елек од твид што овој пат доаѓа во црна и бела нијанса како најдобар можен начин да го вметнете во било која комбинација.
Подеднакво софистицирани се и долгите плетени фустани кои покрај тоа што ја истакнуваат вашата фигура како ниту едно друго зимско парче, тие се и неверојатно модерни и удобни, но и сосема лесни за комбинирање.
Речиси кај сите парчиња преовладува едноставниот и прав крој по кој што всушност е и познат брендот, овој пат прикажан и преку елегантните женски панталони со неодоливи волнени топчиња по долните рабови, но и по стилските килоти со впечатливи рабови по средината.
Единствените колоритни парчиња од колекцијата се плетените здолништа во А – крој, најавното палто со животински принт, потпетиците во црвена боја и портокаловата чанта.
Веруваме дека како и секогаш досега, новата ресорт колекција на Селин ќе доживее вистински успех, а предзнак за тоа се веќе резервираните парчиња од стилските трендсетерки.
П.С – Едвај чекаме да ја видиме Оливија Палермо во белиот елек!