Fashion DNA – блог за модни експерименти

5 декември 2014

Во амбиент полн со многу креативна енергија од сите млади луѓе кои беа собрани во најљубовното кафуле во Скопје – „Љубов“, модните блогерки Дани Ѓуровска и Александра Трпеска го освежија крвотокот на градскиот моден ритам со вметнување на нова ДНК. Станува збор за промоција на нивниот блог, насловен: „Fashion DNA“. Модниот блог како основа го зема „swag style“ кој девојките потоа го обликуваат во своја модна приказна.

„Целта на блогот е всушност да бидеме поразлични од другите, да направиме нешто поинакво во модното блогерство во Македонија. Според нас ова е еден од начините да направиме нешто што не е видено, бидејќи според нашите информации ниту една блогерка во Македонија се нема испромовирано на овој начин. Се надеваме дека вака ќе успееме да размениме контакти со други луѓе кои се директно поврзани со сферата на модата, креативци кои ќе не инспирираат во нашето понатамошно создавање на модни презентации“, велат блогерките.

Фотографиите кои доминираа во просторот, се дел од најновата фотосесија на девојките, што ја изработија фотографите  Сара Коцевска и Никола Ѓаковски од Зачувај момент.

„Соработката со Еми Норис се случи спонтано, тоа беше всушност на барање на нашиот фотограф, кој додека се подготвувавме за фотосесијата ни даваше предлози и накитот кој го изработува Еми Норис најмногу ни го привлече вниманието. Ни се допадна нејзиниот уникатен дизајн на накит, ја контактиравме, таа се согласи и остваривме одлична соработка“, откриваат креативките.

Иако Дани и Александра сметаат дека македонското блогерство сè уште е во фаза на зародиш и не е многу развиено како сфера и платформа каде младите креативци, а особено блогери ќе можат да се промовираат себе, сепак се надеваат дека со малку труд и работа може да прерасне во професија од која реално ќе се заработува пари.

„Можеби еден блогерството нема да ни биде само хоби туку и вистинска професија, затоа што реално во светот модните блогерки заработуваат многу, па можеби еден ден и ние ќе успееме во тоа. Сега засега ова е само хоби кое е резултат на нашата љубов кон модата“, велат за крај девојките кои наскоро најавуваат нов проект.

 

Објавено:
5 декември 2014
Категорија: 
Актуел