Таксират: Секогаш различна стилска енергија!

6 декември 2014

Сцената е веќе поставена, музичарите во последните подготовки пред пристигнувањето, интересот огромен, а атмосферата е веќе загреана! Во Скопје овој викенд почнува финалната прослава на „Таксират“ со единственото и крајно несекојдневно фестивалско доживување!

Пред самиот почеток на настанот, сега е вистинско време да се потсетиме на некои од најголемите изведувачи кои години наназад ја освојуваа сцената на феноменалниот Таксират.

Од прв до последен, покрај со нивните одлични изведби, тие фасцинираа и со нивното изострено чувство за стил, во чии рамки покажаа и одлична мода на сцената од популарното и енергично музичко случување.

Во исчекување на повратниците „Денис и Денис“, фамозната Марина Перазиќ,  беше пример за стил како дел од култната електро – поп група што ја одбележа музичката ера на поранешна Југославија.

 

Таа дефинитивно беше предвесничка на залижаната коса наназад и секси комбинациите по кои ја препознаваа обожавателите. Дека е жена полна со сексапил и посебен шарм, Марина покажува и денеска кога често можеме да ја видиме во смели комбинации, а веруваме дека тоа ќе биде случај и на годинешната сцена на „Таксират“.

Враќајќи се наназад, на веќе култниот фестивал огромен впечаток остави и францускиот арт- феномен Нувел Ваг, кои покрај со нивниот неверојатен боса - нова ритам, фасцинираа и со уникатниот стил.

 

Тука е особено потребно да се нагласи уметничкиот печат и комбинации што речиси секогаш ги прават „Нувел“ девојките. Тие секогаш се обидуваат да остават беспрекорен впечаток кај публиката, како со нивниот музички стил, така и со парчињата што внимателно ги одбираат.

Нешто сосема поинакво и енергично на сцената секогаш покажува и моќната Сандра Насиќ од германскиот бенд Гуано Ејпс, која дефинитивно е вљубеничка во лежерниот рокерски стилски израз.

 

Сакајќи единствениот акцент да остане на нејзиниот глас, таа одбира смирени рок- парчиња како едноставни маички со написи во комбинација со кожени панталони, карирани кошули, но понекогаш и тесни мини фустанчиња со кои го изразува неверојатниот сексапил меѓу момците.

На моменти слична, барем по енергичните настапи и неверојатната моќ како женски вокал, ја издвојуваме  пејачката и актерка која имавме можност да ја видиме на „Таксират“, Џулиет Луис. Обожавателка на константните промени во изгледот, Луис постојано изненадува со нешто сосема поинакво и уникатно.

 

Додека во еден момент можеме да ја видиме како жестока рок женска на сцена, веќе следниот ден таа се преобразува во филмска дива на црвениот килим. Без разлика на тоа во кое поле дејствува, слободно може да се каже дека таа освојува со посебната енергија што ја има во себе!

Кога говориме за модата на некои од најпопуларните изведувачи што досега настапиле на „Таксират“, не може  да не ја споменеме и егзотичната Тања Стивенс,  која светот ја запозна по огромениот  хит „It’s a pity“.

 

Почитувајќи ја родната Јамајка, неа многу често можеме да ја видиме во едноставни комбинации украсени со детали во боите на нејзината земја. На почетокот на кариерата можеби во похрабри комбинации, денеска таа е обожавателка на претежно црните комбинации како женствени тесни фустанчиња, кожени јакни, и секогаш и секаде, нејзините омилени очила за сонце!

Невозможно во ова стилско набројување да не се спомене и легендата Иги Поп кој буквално „растури“ на настапот на „Таксират“. Кога станува збор за него, баш и нема многу што да се зборува околу модата, бидејќи речиси секогаш тој се појавува полугол на сцената.

 

Но, тој дефинитивно има еден сосема поинаков, енергичен стил на живеење што го гаи низ годините и по кој најмногу е препознатлив. Тоа никако не значи дека фасцинантниот Иги не знае да ги одбере вистински парчиња кога станува збор за надвор од сцената.

За паметење низ историјата на „Таксират“ дефинитивно беше и настапот на лондонскиот инди – рок бенд Кајзер Чифс на 13 – тото издание, кои се вистински синоним за урбани -кул лондонски момци.

 

Речиси на сите настапи нив можеме да ги видиме во уредно одбрани лежерни тренди парчиња како тесни фармерки, бомбер јакни, карирани кошули, кул шапки, но и многу тексас! Веднаш зад неодоливите „Арктик Манкис“, ние мора да признаеме дека тие се нашите омилени лондонски момци!

И додека сме во исчекување на утрешниот старт на 16 – тото по ред издание на „Таксират“ и на целата енергија што ќе ни ја донесат новите изведувачи, денеска денот слободно посветете го на добра музика од изминатите изданија. Вратите за сите обожаватели на фестивалот и годинешните изведувачи утре ќе бидат отворени во 18 часот, а распоредот на настапи е следен:

19:00 - Vydrapena Buzirka Punk System (Словачка)

19:45 - GBH (Велика Британија)

20:50 - CONQUERING LION (Македонија)

21:45 - DENIS & DENIS (Хрватска)

22:45 - LET 3 (Хрватска)

00:00 - TRICKY (Велика Британија)

01:05 - BAD COPY (Србија)

02:00 - SANDER VAN DOORN (Холандија)

Објавено:
6 декември 2014
Категорија: 
Стории