Графичкиот дизајн се соочува со сериозни финансиски предизвици!

6 декември 2014

Креативниот директор на една од најнаградуваните рекламни агенции во регионот „Брукета и Жиниќ“, Давор Брукета, денеска одржа предавање во рамки на годинешниот „Скопје Постер“ фестивал. Темата на денешната регионална конференција беше „Состојбата на дизајнот на Балканот и негово интегрирање во едукативните процеси“. Брукета ќе каже дека е фасциниран од младите креативци чии дела вчеравечер беа наградени во рамки на изложбата на „Скопје постер“, каде победи делото на Ферхат Тунц од Турција. Во однос на хрватската дизајн сцена тој ќе каже дека во моментов се случува еден вид раскол помеѓу дизајнерите кои работат во огласувањето и дизајнерите кои всушност се фокусирани повеќе на социјалната улога во дизајнот.

„Тоа е некаков, би кажал, неприроден раскол и всушност постои длабоко недоразбирање во огласната индустрија како дел од дизајнерската сцена, и истата се смета за помалку вреден дизајн. Што се однесува до училиштата, се отворија некои нови училишта, одлични резултати постигнува на пример Академијата во Сплит. Се појавија сериозни дизајнери на типографија, но како и остатокот од хрватската економија, графичкиот дизајн се соочува со сериозни финансиски предизвици и всушност многу луѓе и почнаа да бараат работа во странство, што е голема штета, бидејќи на тој начин доаѓа до сериозен одлив на мозоци. Секако, тоа секогаш се случува со многу квалитетни кадри. Мислам дека тоа ќе има несогледливи последици за иднината на индустријата во Хрватска“, апелира Брукета.

DSC_9855

Додава и дека покрај сѐ, тој е фасциниран од интересот што го имаат младите дизајнери за дизајнирање плакати.

„Драго ми е што во овие дигитални времиња плакатот успеа да преживее како релевантен комуникациски канал, што е многу необично. Тоа е многу инспиративно за младите автори што се гледа и по нивните решенија што ги испратија на конкурсот кои се многу свежи и креативни“, посочува Брукета.

На прашањето колку тој е запознаен со македонската адвертајзинг сцена, тој ја идзвојува маркетинг агенцијата New Moment како една од најуспешните.

DSC_9861

„ Фантастична работа вршат агенцијата New Moment и Душан Дракалски, за кој можам да кажам дека е пример за целиот регион. Мислам дека македонското огласување оддамна ги помина границите на вашата земја и економија“, вели Брукета.

Дека неговата маркетинг агенција е една од најуспешните на Балканот, покажуваат и одличните резулатите со кои тој и неговиот бизнис партнер неизмерно се гордеат.

„Би рекол дека постојат неколку видови наши проекти. Мене ми се најинтересни проектите што ги работиме во странство. Ние ја отворивме агенцијата прво во Азербејџан, потоа во Србија и сега последно отворивме агенција во Виена. Тоа е на само три часа возење од Загреб, но она што го правиме во Загреб за 10 куни, во Виена добиваме 100. Некако, тука е нашиот финансиски интерес за работа надвор, на другите пазари, и се надеваме дека ќе имаме уште многу такви проекти. Тоа некако ни се чини како единствениот излез од хрватската економија и единствениот простор за раст. Она што ми е особено драго е што во последно време се случува некој да ги види нашите проекти на Интернет и на пример да не контактира некој од Индија кој сака да работиме за него, мене тоа ми е најважно“, истакнува креативниот директор на „Брукета и Жиниќ“.

DSC_9876

Дел од жирито кое ги оценуваше пријавените дела на годинешниот плакат конкурс, беше и првата дама на светската дизајн асоцијација „Icograda“, Ива Бабаја, која истакна дека е многу задоволна од она што го видела оваа година.

DSC_9884

„На изложбата имаше огромен број пријавени, можам да кажам дури и дека оваа година имаше рекорд. Имавме многу тешка работа, на крајот од околу 100 – тина дела, ние одбравме три, односно еден победник. Имавме три главни критериуми: самиот концепт, односно идејата, потоа како таа идеја е изведена и третото оригиналноста, односно инвентивноста на решението. Ми се чини дека постои голема количина квалитетни дизајнери во Македонија, јас често патувам во светот и гледам различни таленти од сите земји. Конкретно, кога се во прашање Македонија или Хрватска, односно помалите земји, гледате дека всушност и тука има многу креативни луѓе“, вели Бабаја.

Нејзината колешка од Турција, Ајшеѓул Изер посочи дека е многу задоволна од вчерашната изложба за што ќе каже дека била одлично искуство.

DSC_9890

„Делата ги оценувавме според графичкиот дизајн, креативноста на младите, типографијата, бојата, дизајнот, буквално сѐ. Графичките дизајнери во Турција се многу сериозни за нивната професија. Таму постојано се доделуваат награди. Сакам во блиска иднина да поканам професори и млади студенти од вашата земја во Турција за да можат да се разменат токму тие искуства, да организираме работилници, многу е важно сите тие да дизајнираат и да работат за мирот, да ја развиваат свеста, етиката и графичкиот дизајн“, вели Изер.

DSC_9868

На годинешниот „Скопје постер“ покрај Ферхат Тунц -Турција , Аслихан Татлигил -Турција и Јохана Педарниг – Германија кои ги освоија првите три места на овогодинешното издание на Скопје Постер под мотото „Дизајн за мир“, Еврим Актепе беше награден со признанието Icograda excellence, а почесни признанија добија Занг Јичи –Кина, Марија Димитриевска –Македонија, Мари Јудина-Русија, Амадеус Фронк-Германија, Меган М. Брајкович –САД,Минлианг Ли –Кина и Хрант Петросиан –Ерменија.

Наградените први три места на Скопје постер Наградените први три места на Скопје постер

Објавено:
6 декември 2014
Категорија: 
Култура