Модниот портал Буро 24/7 направи ексклузивно интервју со светската дизајнерка Стела Мекартни за време на нејзиниот престој во Москва во кое таа искрено говори за нејзиното модно царство и за предизвиците со кои се соочува, но и за семејството и нејзините четири деца.
Во продолжение, ви пренесуваме дел од ексклузивното интервју за рускиот моден портал.
Оставате впечаток на строга личност со силен карактер која секогаш знае што сака. Имате ли многу барања кон луѓето со кои работите?
-Се трудам да не бидам многу строга, туку да се насочам кон она што знам дека сакам да го работам и да одам кон оној правец што сум го избрала.
Имате четири деца! Дали сте можеби строга кон нив?
-Апсолутно не, иако барам одредена дисциплина и имам конкретни правила на однесување. Ако тие се прекршат, како и во секое семејство, ќе има последици.
Дали вашето славно презиме ви правело проблеми некогаш во животот?
-Не би рекла проблеми, туку можеби ми создавало мали пречки. Замислете сите луѓе со кои се сретнувате да знаат сѐ за вас, а вие ништо за нив. Во речиси сите ситуации во животот, сите знаеја која сум јас и врз основа на тоа, веќе го имаа креирано мислењето за мене.
Како станавте вегетаријанка?
-Ние имавме фарма во Шкотска. Еден ден јадев јагнешко за ручек и низ прозорот го здогледав стадото овци... Во тој момент, нешто се случи со мене, што всушност беше првиот чекор да сфатам дека убивањето животни е нешто многу лошо...
Тешко ли е да живееш во свет во кој луѓето носат кожена и крзнена облека?
-Тоа е суровата реалност. Во светот постојат многу ставови и факти со кои јас не се согласувам, на пример насилството врз жените и децата, недостатокот на образование во некои земји, валканите политички игри...Но, од тоа нема каде да се побегне.
Се сметате ли за дел од големата модна индустрија? Од страна, се чини како да сакате да се дистанцирате...
-Тоа е точно. Пораснав во музичко семејство каде секогаш бев опкружена со креативци. Кога зачекорив во модниот свет, немав чувство дека тоа за мене е нешто ново. Денеска се занимавам со мода, но ја сфаќам многу поинаку од сите останати. Сосема е разбирливо и тоа што на почетокот сите беа скептични за мојата дизајнерска работа, тоа беше и очекувано.
Што е она што го прави дизајнот современ?
-Ако се трудите да изгледате современо, тоа е веќе само по себе застарено. Да се има свое „јас“, значи и да знаете што носите, да знаете зошто го носите тоа и да биде во согласност со вашиот стил, без разлика дали е модерно. Никогаш не ги сакав оние луѓе кои „трчаат“ во продавниците веднаш штом ќе биде лансиран некој тренд. Тоа не е модерно. Дизајнот е нешто сосема друго и неговото сфаќање е еднакво на современост всушност. Модата е нешто сосема старомодно и предвидливо.