Двојниот јубилеј на Националниот сервис, 70 години Македонско радио и 50 години Македонска телевизија, беше прославен вечерва со симболичен роденденски гала концерт на сцената на Македонскиот народен театар.
Во име на детските спомени што не врзуваат за „Дајте музика“, „Во светот на бајките“, „Бушава азбука“, „Пулсирањa“, „Македонски народни приказни“ или иконските телевизиски ликови кои својата кариера ја започнаа токму во МРТВ, а денеска важат за доајени на македонското новинарство или телевизиските серии што со задоволство ги репризираме како „Големи и мали“, „Салон Хармони“, „Погрешно време“, „Волшебното самарче“, „Скопје виа Трст“ или целата богата музичка архива… вечерва беше направен генерациски спој преку антологиската македонска музика.
На седум различни јазици кои се дел од програмата на МРТВ, пееја изведувачи од различни генерации кои ги придружуваше Биг Бендот и Големиот народен оркестар на МРТВ.
„Голем и значаен момент за сите вработени во Македонската радио телевизија и за нас како менаџмент, затоа што да се на чело на институција која слави 70 години постоење не е мала работа“, изјави директорот на МРТ, Марјан Цветковски по повод роденденската вечер.
Помеѓу изведувачите на сцена кои и го честитаа значајниот јубилеј на МРТВ беа и Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Виолета Томовска, Наум Петревски, Есма Реџепова, Тамара Тодевска, Сузана Спасовска, Гиш, Влатко Лозановски, Александар Трабунов, Мишко Крстевски, имиња кои оставиле свој печат во македонската народна и забавна музика, а кои меѓу другото ги поврзува токму и МРТВ.
Каролина Гочева и овој пат ја донесе целата жнственост на сцена во елегантен фустан со линија што ја следи незината грациозна силуета, со голи рамена и отворен шлиц.
Тамара Тодевска секогаш ги ужива симпатиите на публиката благодарение на нејзината позитивна енергија што ја носи на сцена. А вечерва, имавме мотив плус да уживаме во нејзината појава благодарение и на урбаниот стајлинг што истовремено ги спојува авангардниот младешки изглед и безвременската женствена елеганција. Во фустанот на Елена Лука во златна боја со отворен грб, Тамара владееше на сцената.
Помеѓу присутните гости се чувствуваше возбудата, но и гордоста што се дел од еден значаен јубилеј за кој сведочат мноу различни генерации што на некој начин биле или се дел од приказната на МРТВ.
„Одбележувањето на големиот јубилеј 70 години Македонско радио и 50 години Македонска телевизија кај мене буди емоции, сеќавања ... Во МРТ влегов како дете – еднаш и никогаш повеќе не излегов. Со МТВ емоционално созреав... Пораснав и како личност и како професионалец. Се соочив со сите подеми , падови, премрежија и успеси на институцијата која беше и е сервис на граѓаните. Моите почетоци во МТВ некако се совпаѓаат со осамостојувањето на Република Македонија , а со тоа на некој начин и со осамостојувањето на МРТ (односно одделувањето од тогашната ЈРТ шема)... затоа емоциите се силни –растев заедно со телевизијата“, изјави Анета Андонова, познато ТВ лице од семејството на МТВ и уредник на Образовната прорама.
Првата асоцијација за нејзиното име директно не врзува за култната „Пулсирања“, а еве што за Анета е прв синоним за нејзината матична куќа.
„Мојата прва асоцијација за МТВ е едукација. Во тој контекст би го апострофирила телевизискиот бренд ПУЛСИРАЊА... емисија којашто стана бренд само затоа што го следеше пуслот на младите . Стана нивна идентификација...Тоа е емисија за која што се збореше и тогаш, а и денес... Се разбира Бушавата азбука, Македонските народни приказни и уште многу едукативни проекти се асоцијација за јавниот сервис на граѓаните“, вели Анета.
Катерина Топалова е ТВ презентер, новинар и уредник од новата успешна генерација во семејството на МТВ. Таа беше дел од присутните гости кои уживаа во музичката ретроспектива на сцена.
„Кога ќе видите човек на 70 години, кон него се однесувате со почит за се што направил во животот. А ако тој човек бил ваш идол, тогаш го почитувате и му се восхитувате! Такви се и моите чувства кон јубилејот на МРТВ. За восхит и почит се и двете бројки. Лично сум среќна што еден ден и јас ќе бидам дел од историјата на некој друг поголем јубилеј, професионално сум почестена што работам во националниот сервис“, изјави Катерина.
Првите свои сеќавања за МРТВ таа ги поврзува со нејзиното детство.
„Мојата прва асоцијација за МРТВ е моето детство. Имав нормално и среќно детство растејќи со "Дајте музика", " Во светот на бајките", "Пулсирања", Македонски народни приказни. Со големо задоволство испраќав писма во Зимско рекреативната програма, бев пресреќна кога добив музички компакт дискови и при подигањето на наградата, во холот на зградата, лично се запознав со Ѓорги Колозов. Случка која никогаш нема да ја заборавам бидејќи Ѓорги и Шенка Колозови и денес се моите омилени ликови од приказните“, се присети Катерина.
Своите сеќавања за матичната куќа ни ги раскажа и ТБ водителката Ели Танасковска.
„Ова се денови кога повеќе ме враќаат во минатото. Исто е како миговите кога секој од нас се навраќа на своето детство, тинејџерските години, студиите... Ете , јас ја имав таа голема среќа да почнам од „градинка“. Имав 8 години кога почнав во Радио детската драма со емисии. Тоа е една голема академија за говор, глума, музика, театар,однесување, бон-тон, дипломатија. Многу , навистина многу од тоашто сега сум, се должи токму на оваа радио драма. Освен секојдневните проби, снимања, претстави, емисии , ние децата од Радио драмата одевме групно на зимување во Крушево и таму учевме скијање, гимнастика, однесување во ресторан, работа во тим, одговорност за постапките. Сакам да кажам дека моите почетоци беа како во некоја голема институија која од тогаш имаше силен културолошки смер. Потоа продолжив како најавувачка, па во радио –културна редакција и се до денес моето се, мојот втор дом е МРТ. Колку ли генерации пораснаа со Бушавата азбука , со образовната и училишната програма со младинскиот канал. Со емисиите„Добро утро, добар ден“, „Неделно попладне“ , „Ноќна програма“... Тоа беа времиња на извонредни професионалци и времиња кога имаше многу строги и истенчени критериуми. Драго ми е што сум ученик на едно златно време и луѓе кои беа страв и трепет на тогашните видео фестивали. Останав доследна и на моите едукатори и на мојата куќа со која заедно растевме. Ги делевме блескавите моменти и моменти кога многу надворешни случајни патници раководеа и ја разурнуваа мојата ТВ. Сите имаме дел , камче од мозаикот што сме го граделе. Во тие градби сме ја оставале и душата и мислите и енергијата. И сите имаме одговорност пред историјата и идните генерации што ке пишуваат некој нов паметник, кој градел и кој разурнувал. Јас навистина сум среќна што се наоѓам од страната на градителите“, изјави за Fashionel, Танасковска.
Пред 70 години за прв пат во етерот се слушна македонскиот збор на Радио Скопје. Пред пет децении од зградата во Нерези се емитуваше и првиот телевизиски Дневник. Од тогаш со децении со голем ентузијазам, Македонската радио телевизија ги бележи сите настани автентично како на филмска лента.