Задолжително: Новогодишна класика – Виенски концерт

31 декември 2014

New-Years-Concert-Tickets2

Прво утро во новата година. Поспаност, топол дом, пижами, кебе, кифли, руска салата пред телевизор и секако Виенски концерт! Ова е сликата што во секој дом е речиси традиција. А ако не е, тогаш нека стане!

Виенскиот новогодишен концерт е традиционален концерт на класична музика. Се одржува во Златната сала на виенскиот Музикферајн, а го изведува оркестарот на Винеската филхармонија. Секогаш е посветен на делата на композиторите од семејството Штраус, а повремено се вклучуваат и дела на други композитори.

Концертот се пренесува во директен телевизиски пренос во многу земји ширум светот, оваа година дури 92. Најчесто се изведуваат околу 12 дела, со пауза на околу половина програм. До 1990-та година, концерот имаше само еден дел, а од 1991-ва од два дела.

Ова се и најквалитетните два часа што ќе ги потрошите на нашите телевизиски програми, не сметајќи ги филмовите, од кои најновите веројатно ќе бидат од 2000-та.

senatus_NrqTrX_displaywide

Можеби најинтересниот дел од Виенскиот концерт, кој најчесто има три биса, е последниот дел - Радецки маршот, кога публиката со ритмично аплаудирање учествува во изведувањето.

Инаку, овој концерт првпат е изведен на 31.декември во 1939-тата година, под диригентската палка на Кременс Краус. Од 1-ви јануари 1941-вата година концертот се изведува околу пладне на првиот ден од новата година.

Освен прекрасната музика, во текот на тие два часа, публиката ширум светот има можност да види како течат подготовките, да ужива во прекрасните цветни аранжмани најчесто од Сан Ремо и за момент да се пресели во еден свет на културата.

Оваа традиција вреди да се негува, затоа нека 2015-та ви започне квалитетно! Среќна 2015-та!

Објавено:
31 декември 2014
Категорија: 
Актуел