Подготвени ли сте за Виенски концерт 2019?

25 декември 2018

Први јануари 2019 година, 11.15 часот - тоа е датумот и времето кога сите после новогодишната ноќ сме пред тв екраните и го очекуваме Виенскиот новогодишен концерт.

Да, без разлика дали сте љубител на класичната музика или не, овој концерт кај сите ја буди магијата која нè потсетува дека сме во Новата година. Без разлика каде и со кого сте ја дочекале новата 2019, гледањето Виенски концерт стана и кај нас традиција што го обединува семејството.

Оваа година Виенската филхармонија ќе биде под диригентската палка на Германецот Кристиан Тилеман. Од 2000 година тој е музички партнер на Виенската филхармонија, но ова ќе биде негово прво учество на престижниот концерт, кој ќе се пренесува во преку 90 земји, а се проценува дека ќе го гледаат преку 40 милиони телевизиски гледачи ширум светот.

Освен музиката, Виенскиот концерт е омилен и поради неколкуте интермеца во кои се дава поглед на виенската култура и начинот на кој се подготвувал концертот.

Значаен дел се и прекрасните цветни аранжмани, кои претходно пристигнуваа од Сан Ремо, но од 2015 за тоа е задолжена „Виена Сити Гарденс“, заедно со австриските градинари и цвеќари.

За потсетување, концертот секоја година се одржува во Златната сала на виенскиот Музикферајн. Секогаш е посветен на делата на композиторите од семејството Штраус, а повремено се вклучуваат и дела на други композитори. Најчесто се изведуваат околу 12 дела, со пауза на околу половина програм. До 1990-та година, концерот имаше само еден дел, а од 1991-ва од два дела.

Традиционално, дел од остварените приходи се издвојуваат во добротворни цели. Инаку, поради својата ексклузивност, а од друга страна и популарност, секогаш билетите се распродаваат експресно брзо. Цената се движи од 35 до 1090 евра, односно од 25 до 800 евра за концертот на новогодишната ноќ и ноќта потоа, додека за оној на 30-ти, цената се движи од 20 до 495 евра. 

Објавено:
25 декември 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
2.033 пати