Подготвени сме за Виенскиот новогодишен концерт 2017!

29 декември 2016

Некому можеби звучи неверојатно, но постојат луѓе што се повозбудени околу Виенскиот новогодишен концерт, отколку за дочекот на новата 2017 година.

Оваа културна традиција е нешто што никогаш нема да ја загуби својата вредност, актуелност и почит кај милионската публика ширум светот. 

Претстојниот концерт е во фокусот на вниманието поради диригентот Густаво Дудамел, кој всушност ќе биде најмладиот диригент на традиционалниот Виенски новогодишен концерт. Овој 35-годишен Венецуелец ќе биде 16-тиот диригент под чија палка оркестарот на Виенската филхармонија ќе изведе полки, валцери, маршови од музичкото семејство Штраус.

Дудамел стана еден од најбараните диригенти благодарение на неверојатниот талент и енергијата со која ги плени слушателите ширум светот. На диригентскиот пулт застанува првпат со 12 години, со Младинскиот оркестар во родниот град, кога и е откриена неговата дарба за оваа професија. Две години подоцна оди на часови кај Хосе Обреа. Студира на државниот конзерватуриум „Хакинто Лара“ кај Хосе Луис Хименез. 

Како млад генијалец, настапува ширум родната земја, а на 18 години е поставен за главен диригент на државниот Младински симфониски оркестар „Симон Боливар“. Со овој ансамбл, Густаво Дудамел остварува голем успех како во земјата, така и во Јужна Америка, а гласот за неговата генијалност се прошири и ширум светот, па воопшто не изненадува што денес е еден од најбараните и најпочитуваните диригенти.

Минатогодишното издание го следеа повеќе од 50 милиони гледачи, бројка што се очекува и годинава.

Традиционално, дел од остварените приходи се издвојуваат во добротворни цели. Во 2015-тата во склад со силната мигрантска криза, одвоените средства беа наменети токму за помош на мигрантите. Каде ќе бидат насочени овој пат останува да видиме.

За потсетување, првиот Виенски новогодишен концерт е одржан на 31-ви декември во 1939 година.  Од 1959 година се пренесува телевизиски и тоа во живо. За концертот на 1-ви јануари, како и за претходните две изведби на 30-ти и 31-ви декември, картите се распродадени уште во јануари годинава и тоа по пат на интернет лотарија. На овој начин љубителите на класичната музика од сите страни на светот имаат шанса да дојдат до овие барани карти.

Аплицирањето за картите за следниот новогодишен концерт (2017/8) ќе се одвива од 2-ри јануари па сè до 29-ти февруари 2017 година.

Цената на билетите повторно се движи од 35 до 1090 евра за новогодишниот концерт на 1-ви јануари.

За картите може да се аплицира преку регистрација на страницата тука и  може да се аплицира само еднаш за еден концерт.

И како и секоја година 11.15 часот е времето за уживање, за совршен почеток на 2017!

Објавено:
29 декември 2016
Категорија: 
Култура
Прочитано:
1.563 пати