Колку чини билет за Виенскиот новогодишен концерт?

21 декември 2015

Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија е најпознатиот новогодишен концерт, кој секоја година го гледаат милиони луѓе ширум светот. Оваа година ќе се одржи по 75-ти пат, а првиот е одржан на 31-ви декември во 1939-тата година.

Програмата на концертот уште од првото издание е посветена на делата од династијата Штраус – Јохан Штраус постариот, Јохан Штраус помладиот, Едуард Штраус и Јосеф Штраус.

Од 1959 година се пренесува телевизиски и тоа во живо. Бројката на земјите што го следат низ годините се менуваше. Оваа година, како и последните неколку, ќе се пренсува во околу 90 земји ширум светот, а ќе го следат преку 50 милиони телевизиски гледачи.

Минатата година на чело на оркестарот на Виенската филхармонија застана Зубин Мехта, а неговото место во 2016-та ќе го заземе Марис Јансонс. Ова ќе биде негово трето диригирање (претходно го предводеше оркестарот во 2006 и 2012).

За концертот на 1-ви јануари, како и за претходните две изведби на 30-ти и 31-ви декември, картите се распродадени уште во јануари годинава и тоа по пат на интернет лотарија. На овој начин љубителите на класичната музика од сите страни на светот имаат шанса да дојдат до овие барани карти.

Всушност, аплицирањето за картите за следниот новогодишен концерт (2016/7) ќе се одвива од 2-ри јануари па сè до 29-ти февруари 2016 година.

Цената на билетите ќе се движи од 35 до 1090 евра за новогодишниот концерт на 1-ви јануари, од 25 до 720 евра за концертот на 31-ви декември и од 20 до 450 евра за концертот на 30-ти декември. Програмата на сите три концерта е иста.

За картите може да се аплицира преку регистрација на страницата тука и  може да се аплицира само еднаш за еден концерт. Во март веќе е познато кој ќе присуствува на новогодишниот концерт за следната година, а добитниците, односно апликантите се известуваат преку профилот со кој аплицирале или преку електронска пошта.

креации на Вивијан Вествуд

Информациите за тоа кој ќе ги дизајнира костимите за Виенскиот бал, што имаме можност да го проследиме во паузите на концертот, сè уште не се познати. За потсетување, во 2014 година, таа чест ѝ припадна на британската дизајнерка Вивијан Вествуд, која балетските играчи ги облече во панк костими.

Освен на музиката, многумина се восхитуваат и на цветните аранжмани во Златната сала на виенскиот Музички совет.

-Новогодишниот концерт е светла точка во цветната индустрија и овозможува единствена можност да се прикажат неверојатните мајсторства на виенските градинари на интернационалната публика – вели Ули Сима, градскиот советник на Виена за животна средина.

Дали и оваа година домашните градинари ќе се погрижат за цветните аранжмани, сè уште не е познато.

Она што е секако познато и задолжително е на 1-ви јануари во 11:15 да бидеме пред малите екрани и да уживаме во вистинска музика!

Објавено:
21 декември 2015
Категорија: 
Култура
Прочитано:
16.098 пати