Свечената вечерна тоалета е наједноставен начин да постигнете максимална елеганција за минимално време. Но, во овој период од годината со екстремно ниски температури, потешко се одлучуваме за таква варијанта, дури и кога е приоритетна.
Секако, постои решение и за соодветен спој на свечените тоалети со температурите под нулата. Иако класиката налага долги фустани, најчесто комбинирани со високи потпетици и елегантен капут наметнат преку рамената, сепак веќе неколку сезони наназад дизајнерите „ризикуваат“ со малку похрабри варијанти кои излегуваат од комфортната зона.
Еден од најпопуларните неконвенционални свечени изгледи е фустан од свила во комбинација со кратка јакна, која дава слоевитост и контарст. Такви варијанти предложија Мијуча Прада, Џозеф Алтузара и Кристофер Бејли во нивните актуелни зимски колекции.
Друго екстравагантно решение за топла елеганција е нежен, па дури и транспарентен фустан спарен со дебел и удобен капут со крзно, како во комбинациите на Фенди и Џереми Скот за Москино.
Оние што преферираат дозирана возбуда во изгледот, а сепак сакат да ја задржат елеганцијата, можат да одберат светкав фустан во комбинација со долг капут или палто со нагласена половина.
На крај секогаш останува и најсигурната варијанта со долг крзнен капут под кој ќе ѕирка вашата минималистичка тоалета со линија што ја следи вашата силуета, како што предлага Валентино.