Со денешниот предлог стајлинг одлучивме да го разбудиме пролетниот дух на вашиот чекор и да ви понудиме ултра модерна креација со која ќе ги шармирате сите околу себе. Модната критика беше децидна кога потврди дека портокаловата боја е новата црна, па во контекст на тоа коктел фустанот што ви го презентираме е во силна портокалова нијанса, изработен од високо квалитетен американски сатен. Бидејќи бојата сама по себе е доволно впечатлива, креацијата е украсена со мулаж во форма на цвеќе во виолетова и портокалова нијанса, а по крајот на детаљот наместо раб додадени се пластични зелени патенти.
Овој модел ќе го комбинираме со PVC клач-чанта во транспарента сина нијанса во форма на правоаголник со сребрена рамка. Во оваа комбинација одлично би се вклопиле сандали со заоблено искривена висока потпетица и геометриски форми направени од PVC материјал, за да бидат во согласност со чантата и патентите кои ги искористивме како детаљ на фустанот.
Поради впечатливоста на комплетниот стајлинг, изборот на модни додатоци треба да биде дискретен, па така транспарента, масивна, PVC алка во розова боја со сребрено синџирче е идеално решение со кое би ја комплетирале целата визија.