„Ciao Bella!“ уличен поздрав со потпис од Милано

24 февруари 2014

Сонцето не беше единствениот елемент кој ја осветли италијанската модна престолнина овие денови. Модата која можевме да ја видиме низ улиците за време на Миланската модна недела ги помести сите модни граници  и во историјата на модата запиша ново поглавје кое не само што диктира трендови, туку ги удри темелите на создавање еден нов стил, обоен со многу креативност, одличен избор на кроеви, фантастичен склоп на дезени, принтови и апликации, прекрасни комбинации на модни додатоци и инвентивни чевли.

Модните додатоци и аксесоари не се само во улога на поддршка на модните изгледи, тие се многу повеќе од тоа. Токму поради фактот што деновиве во Милано имавме можност да видиме море од неверојатни модни изрази, не само од актуелните модните тенденции, туку генерално Милано направи своевиден времеплов на кроеви, форми, дезени, принтови, додатоци, материјали и комбинации. Гледајќи ги, дел од нив се мошне инспиративни, некои воодушевувачки, а дел предизвикуваа завист, со оглед на фактот дека жените никогаш не се задоволни со она што го имаат во своите модни гардеробери.

Ќе почнеме со интересните трансформации на очилата за сонце од стандардните мачкини модели, низ авијатичарските форми, па се до смелите оквири со геометриски форми. Шапките го уживаат своето време, особено оние во „федора' стил. Мажите во своите модни трансформации речиси и да не испуштија да вметнат шапка и шамивче ставено во левиот џеб од нивното сако. Жените секако инспирирани од мажите одлучија да ја вметнат шапката во својот стајлинг и тоа на мошне поинвентивен и похрабар начин, користејќи различни модели и дизајни. Марамите и шаловите што од кашмир, што од волна, не изостанаа и овој пат. Секој на свој начин успеал да го привлече вниманието со креативниот начин на комбинирање. Ремените најмногу можеме да ги видиме во модните склопови на панталони со висок струк, миди здолништа, но и здолништа со широк круг. За чантите што да кажеме, освен дека изборот беше навистина голем и богат. Чанти со реси, од крзно, изработени од материјал кожа, во најразлични бои, во колор блок варијанта, украсени со монистра, драгоцени камења, со долги и кратки рачки, во секакви големини, форми и видови.

Миланските изгледи понудија навистина невообичаени модели на чевли, сите форми кои некогаш постоеле низ историјата почнувајќи од патиките, рамните обувки, па низ чевлите со висока потпетици, се до чизмите до глужд и оние до и над колена, во сите можни трансформации и бои.

Принтовите и дезените беа вистинска револуција. Плејада на апликации кои дополнително фасцинираа низ улиците. Нова димензија на модната еволуција сплотена во актуелниот моден дух и стил на нашето модно живеење. За најекспониран моден детаљ дефинитвно го прогласуваме чадорот, природно поради барањата кои ги поставуваат временските услови, но и во овој случај заокружен како моден додаток. Милано постави смела модна платформа, а вие треба да бидете доволно храбри и да препуштите да ве води овој неверојатно инвентивен моден бран. И додека сонцето полека заоѓа, а реката од луѓе полека ги средува впечатоците од новите модни искуства еве неколку изгледи што ќе ве инспирираат во комбинирање на вашето модно секојдневие.

 

Објавено:
24 февруари 2014
Категорија: 
Фото галерија