Парижанките важат за моќни жени кои секогаш негуваат посебен стил. Тие ги следат актуелните трендови, но во своите модни визии вметнуваат парчиња и модни додатоци кои се функционални, практични и урбани.
Неодамна, Париз беше дом на голем број модни фанатаци кои специјално за неделата на висока мода, прошетаа низ градските улици презентирајќи аутфити кои воопшто не разочараа.
Првиот впечаток кој го одбележаа стрит појавувањата е комбинирањето на предимензионирана тексас јакна. Во стилот на 90-тите години, париските девојки гордо ја вратија на пиедестал. Во комбинација со ултра кратки панталони и лежерна маичка со крената јака и два броја поголема нејзиното височество џинс јакната уште еднаш докажа зошто никогаш не излегува од мода. Модниот бунтовнички дух е разбрануван на стилски, трендовски и модерен начин.
Следејќи го примерот на тенденциите кои ги наметнаа големите модни дизајнерски имиња се чини дека маичките на кратки ракави со натписи и логоа уште долго ќе царуваат низ улиците не само во Париз, туку насекаде низ светот. Без разлика дали ќе ја комбинирате со фармерки или класични панталони ваквите модели на маички се универзални и се секогаш вистински избор кои ќе направи да бидете забележани.
Кожените парчиња полека но сигурно заземаат посебно место во плакарот на модните трендсетерки и блогерки уште од минатата сезона, а оваа година навистина земаа голем замав. Едноставно не можете да си дозволите во вашиот гардеробер да нема здолниште, елек, јакна или фустан кој е целосно од кожен материјал. Бидете инвентивни и комбинирајте го со други парчиња облека за да целосно го нагласите вашето модно секојдневие и да бидете поинакви од останатите. Дури и кога времето е топло не ги запоставувајте кожените парчиња особено здолништата. Комбинацијата на популарните топ маички со миди кожено здолниште со висок струк е добитна комбинација со која ќе блеснете.
Се сеќавате ли на големите, дебели ремени со масивни токи. Тие се повторно модерни. Ако порано ги носевме спуштени на колковите, сега овој моден додаток според парижанките се носи на струк, со цел да се нагласи женската силуета и нејзината тенка половина. Побарајте низ вашиот орман и сигурно ќе најдете таков ремен кој верувајте одлично ќе се вклопи во некој од вашите стајлинзи како за преку ден така и навечер.
И последниот впечатлив тренд кој го наметна уличната мода од Париз е ремен како замена за чанта. Сигурно се прашувате дали е тоа возможно. Да, во светот на модата се' е возможно, дури и да вметнат мали џебни додатоци на самиот ремен каде ќе можете да ги сместите вашите клучеви, кармин и пари. Убавото кај овој моден додаток е што е ултра модерен и одговара на сечиј вкус и сечиј стил.