Големото јаболко, градот Њујорк каде животот пулсира со полна пареа пред само два дена беше омилената локација на светски најпознатите славни личности. Помина уште една Мет гала со беспрекорна организација, во полн сјај и црвен килим низ кој што продефилираа најубавите дизајнерски креации носени од страна на холивудските диви и џентлмени.
Фотографот Кас Брд во чест на овој престижен настан реши да реализира една малку поинаква идеја. Тој заедно со група манекенки Габи Одел, Грејс Махари, Тилда Линдстам, Алана Цимер и Хиао Вен Ју направи импровизирана фотографска модна приказна низ улиците на Менхетен. Девојките делеа насмевки позираа на необични места како метро, улица, улични продажни места, градски автобус комбинирајќи инвентивни реквизити како пица, балони, автомобили и цвеќиња движејќи се во прекрасни балски фустани потпишани од Зак Посен, Оскар де ла Рента, Џејсон Ву, Рем Акра, Жил, Моник Луилиер и Прабал Гурунг. На нозете повеќето од моделите носеа патики за полесно да се движат низ прекрасниот Менхетен.
Дека животот е убав и дека спонтаните идеи се секогаш најкреативните и најубавите сведочат финалните фотографски срцебиења 24 часа пред официјалниот старт на гламурозната ноќ.