Ријана е ледена амазонка на насловната на Tush magazine

11 септември 2014

Kога  помисливме дека Ријана не може да биде повеќе од модна икона, осамна насловната страна на списанието Tush magazine. Едиторијалот вклучувајќи ја и насловната страна на списанието прикажува неверојатно моќна фотосесија на жена која не само што е вистински моден камелеон на стилови, туку и на карактерни ликови во кои дефинитивно ќе пронајдете дел од себе. Жедни сте за моќ, сексапил, провокативност, стил, заведување, насмевки, длабок поглед, ноншалантност, шармантност, па дури и по малку наивност, тогаш морате да го погледнете најновиот едиторијал на црномурестата пејачка од Барабадос.

Фотографските кадри далеку од градската џунгла ги направи Гомилион Леополд, а Ријана уште еднаш покажа зошто е модна муза и миленичка во светот на шоу бизнисот. На еден мошне необичен начин презентираше лик на жена-волк, моќна кралица на студенилото, тропска секси амазонка, па дури и морска нимфа. Уште еден интересен факт е дека во оваа фотосесија Рири со својот изглед, потсетува и на легендарната „Сторм“, која ја глумеше Хали Бери во филмот „X-men“. За инвентивната модна визионерска сложувалка на шминка и фризура се погрижија Јусеф Вилијамс и Лора Арелано, додека стајлинзите ги стилизираше Надја Рат.

Поп ѕвездата го маѓепса фотообјективот со долгата сребреникаво-сива коса, комбинации на темни парчиња облека и јака шминка каде посебно е нагласен погледот и усните. Инспирирајте се од моќта на внатрешната сила која ја поседувате и зграпчете го денот со стил, став и шарм.

 

 

Објавено:
11 септември 2014
Категорија: 
Фото галерија