Свежите нијанси на People’s Choice Awards ја најавија модата на сезоната на награди

8 јануари 2015

Белите и сиви нијанси што преовладуваа на годинешните People’s Choice Awards ја најавија модата што може да ја очекуваме од претстојната сезона на награди.

Долгоочекуваното доделување на наградите се одржа вчеравечер во Нокиа театарот во Лос Анџелес, а на манифестацијата се појавија некои од најголемите ѕвезди на денешницата во беспрекорни модни изданија.

Иги Азалеа на сцената на Нокиа Театарот Иги Азалеа на сцената на Нокиа Театарот

Девојките ја одбраа белата боја како водечка на доделувањето, а во совршени креации во омилената зимска нијанса се појавија единствената Елен Деџенерис, Ана Фарис, Џинифер Гудвин, водителката Џулиана Рансик, прекрасната Елен Помпео од „Вовед во анатомија“, младата надеж Сара Хиланд, но и новата миленичка на Холивуд, Клое Грејс Мориц.

Клое Грејс Мориц Клое Грејс Мориц

Дефинитивно една од највпечатливите на доделувањето беше шармантната Сара Хиланд позната од серијата „Модерно семејство“, која на црвениот килим се појави во совршена креација на младиот американски дизајнер Кристијан Сириано, со чевли на Стјуарт Вајцман и накит на Лорејн Шварц.

Американската миленичка Елен Деџенерис вчеравечер се одлучи за целосно бела комбинација составена од спортски женски костим дополнет со бели патики, додека нејзината партнерка Порша де Роси, се одлучи за софистициран син комбинезон со транспарентни детали .

Иако таа не ја одбра бојата на вечерта, актерката Кристен Бел изгледаше фасцинантно во розовата креација на Моник Лулие во која го покажа нејзиното совршено пост – породилно тело. Бел се одлучи за сребрени чевли на Кристијан Лубутан, чантичка на Џими Чу и накит на Нил Лејн.

Актерката и нова мајка Џинифер Гудвин се одлучи за прекрасен бел фустан што од половината надолу преминуваше во одличен крој украсен со функционални џебови.

Една од најубавите девојки вечерта беше романтичната Елен Помпео од серијата „Вовед во анатомија“ која одбра романтичен комбинезон од колекцијата на Ели Сааб во нежна розова боја во комбинација со впечатливи Кристијан Лубутан чевли.

Интересна бела дводелна креација на годинешните People’s Choice Awards носеше и актерката Ана Фарис која се одлучи за малку подлабоко деколте во комбинација со здолниште со висок струк и фалти во долниот дел.

Во Нокиа театарот можевме да видиме и голем број црно – бели креации од кои не можеме, а да не ја издвоиме креацијата на шармантната Оливија Мун. Актерката се одлучи за дводелна креација со здолниште со висок струк во црно – бели пруги целосно изработена од светкав материјал. Она што беше особено интересно е тоа што таа изгледаше вистински гламурозно, иако нејзината шминка и фризура беа доведени на минимално ниво со единствен акцент на црвениот кармин.

Најпознатата водителка на каналот E!, Џулиана Рансик за црвениот килим се одлучи за слатка креација со должина до под колената во нежно сина боја со шармантни извезени апликации. Изгледот го надополни со нежна шминка и брановидна фризура што одлично и прилегаше.

Што се однесува до самите награди, сосема очекувано онаа за најдобар филм според изборот на публиката отиде во рацете на тимот на Maleficent, за најдобар актер беше прогласен Роберт Дауни Џуниор, Џенифер Лоренс како најдобра актерка, најдобра комедија – 22 Jump Street, за најдобра серија беше прогласена веќе култната The Big Bang Theory, додека за омилена ТВ икона на сите времиња слатката Бети Вајт која се појави на сцената да си ја подигне наградата.

За најдобар женски музички артист публиката сосема оправдано ја одбра Тејлор Свифт, додека за машки изведувач беспрекорниот романтичар Ед Ширан. Едногласно, за најдобра песна за изминатата година беше одбрана вистинската химна на Тејлор Свифт – Shake it Off.

Дел од актерската екипа на The Big Bang Theory Дел од актерската екипа на The Big Bang Theory

Во продолжение во галеријата, погледнете ја ѕвездената галерија од вчерашното доделување на People’s Choice Awards.

Објавено:
8 јануари 2015
Категорија: 
Фото галерија