ABBA - Од кич до предвесници на модни трендови

30 јануари 2018

Претходниот месец беше 40 години од првата турнеја на ABBA, а во март ќе прослават и 45 години од нивниот прв албум „Ring Ring“. 

И покрај тоа што поминале повеќе од четири децении, се покажа дека нивната музика е безвременска. Сепак, освен со музиката, тие беа исклучително популарни благодарение и на својата појава. 

Стилот што тие го практикуваа дури и тогаш се сметал за кич. Но, во една пригода членовите ќе откријат дека таквата облека е резултат на законот во Шведска, со кој доколку сопствениците докажат дека облеката нема да ја користат во секојдневието, нема да подлежи на данок. 

„Не постоеше некој полошо облечен на сцена од нас. Ако мене ме прашувате, мислам дека изгледавме како лудаци“, ќе каже Бјорн.

Неговиот колега пак, Бени Андерсон признава дека тоа било смело, но не се кае за ништо. 

„Никогаш не сум зажалил за ниту една фотографија или комбинација“. 

Колку и да можеме да се согласиме со ваквите мислења, исто така голема вистина е дека со појавувањето на „Евровизија“ која ја испеаја „Waterloo“ облечени во таква сценска облека, беа нешто сосема поинакво и го освоија светот.

Светкавите диско одела, ѕвонарки, кимоната, колоритните комбинации, па дури и животинските принтови, трикоата и сатенот станаа препознатливост на групата.

Во последните години од нивното творење (1980-тите), можеа веќе да се забележат и посмирени варијанти. Но, веќе одамна немаше потреба од докажување. Што и да облечеа, тие ќе беа едноставно „Abba“. 

Доказ дека на тогашниот кич денес се гледа на нешто смело, а на многу од дизајнерите им е инспирација. Генерално, многу дизајнери посегнаа по лудите и весели 1970-ти, а тој тренд продолжува и во колекциите за 2018 година.

Во колекциите на Том Форд, Калвин Клајн или пак Гучи можете да најдете комбиции кои се одличен пандан на стилот на Abba и би функционирале одлично на нив.

Гучи, пролет 2018

Модната индустрија и технологијата одат многу напред, но инспирацијата сепак сè уште се бара во минатото.

Кимоната, принтовите со животни што „Abba“ ги носеше во 1970-тите денеска се еден од најголемите хитови. Од кич стајлинзи тие како да станаа предвесници на актуелните трендови.

Том Форд 2018

Калвин Клајн, пролет 2018

И покрај тоа што сè тече и сè се менува, сепак постојат работи на кои секогаш ќе се навраќаме, ќе ги гледаме со посебност, а „Abba“ е секако една од нив.

 

фото извор: pinterest.com; dailymail.co.uk; theguardian.com; 

Објавено:
30 јануари 2018
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
341 пати