Алекса Чанг – од модел до модна икона

24 јули 2014

Алекса Чанг е окарактеризирана како нов моден феномен и трендсетерка на глобално ниво. Чанг три пати по ред победува на Британските модни награди и продолжува да биде инспиративна муза за дизајнерите, модните уредници и е дефинирана како моден наследник на топ моделот Кејт Мос. Родена е во Привет, Хемпшир, Англија. Мајка ѝ била Британка, а татко ѝ е со кинеско потекло. Гените на моделот ја сплотуваат елеганцијата на азиските жени и европскиот шарм кој се крие во нејзиниот длабок син поглед.

Манекенката својата кариера ја започна на 16 години, позирајќи во едиторијали на списанија за млади. Нејзиниот цврст став, долгите нозе, синиот поглед, белата кожа и црната коса беа набрзо забележани од страна на светските модни стилисти, а Чанг за многу кратко време се најде на пистите и носеше креации на дел од највлијателните имиња во модната индустрија.

Истовремено, стана и заштитно лице на голем број брендови, но нејзината ѕвезда почнува да расте и таа набрзо почнува да работи како ТВ презентер, а добива и своја колумна во неколку независни дневни весници, но и свое катче во еден од најпознатите магазини Vogue. Модните експерти велат дека дури ни бандата топ модели на 90-тите како Синди Крафорд, Наоми Кемпбел, Линда Евангелиста и Кристи Тарлингтон не ја уживале славата и моќта со која сега располага Алекса Чанг.

Трендсетерката секогаш успева да наметне трендови и да ја оживее модата преку иновативниот начин на комбинирање стилови, кои обично се микс на „старо - ново“. Нејзината тајна се крие во сензибилитетот и чувството за едноставност, во начинот на кој чекори и знае како да ја износи тоалетата на Валентино на црвен килим, но истата знае да ја носи и во кежуал пригоди. Тој спој на презентирање модни визии е фасцинантен и факт е дека не може секоја да се носи со тоа. Иако во меѓувреме  моделот се пресели во Њујорк, сепак соработките со Стариот континент не престануваат.

„Тоа е чудна љубовна приказна, Лондон е мојот сопруг, а Вилијамсбург е мојот љубовник“, вели Чанг.

Инспирација црпи најмногу од музичките бендови на Пети Смит, Кит Ричардс и Алисон Мошарт и секогаш го претпочита женствениот изглед. Ако овој краток текст не ви ја доближи доволно личноста на Алекса Чанг, купете ја нејзината книга насловена „IT“, на чии бели страници ја ослободува својата душа и продолжува да се соголува пред читателите, откривајќи ги своите модни тајни, копнежи, желби, мечти и цели.

Објавено:
24 јули 2014
Категорија: 
Модна икона