Били Ајдол: Модна рок икона со огромна љубов кон деталите!

26 јуни 2014

Вилијам Мајкл Алберт Брод или попознат како Били Ајдол е роден на 30 – ти Ноември 1955 – тата година во Англија. И денеска, со своите 59 години тој е вистинска рок модна икона со своите непогрешливи, „лудо“ добри кожени комбинации.

Тој ја постигна својата најголема слава во 80 – тите години, кога го издаде и неговиот прв соло албум во 1982 – та година насловен едноставно како „Били Ајдол“. Во неколку интервјуа, талентираниот рокер појаснува дека неговиот прекар доаѓа од називот со кој многу често му се обраќале неговите професори – idle (безделник).

Токму во 80 – тите, тој ги почести своите фанови со огромните хитови како „Dancing with myself“, „White Wedding“, „Rebel Yell“, „Eyes without a face“ и уште неколку други кои останаа вистински легендарни песни и денеска, и по кои „полудуваат“ неговите фанови на сите настапи.

Уште од самиот почеток на неговата кариера, контроверзниот рокер неверојатно умешно ги комбинира кожените јакни со реси со тесните панталони од ист материјал што дефинитивно нему најдобро му прилегаат, но и секогаш уникатниот и интересен накит од кој секогаш ги преферира сребрените прстени со ултра впечатливи и масивни моменти како костурски глави, крстови и слично.

Како што и претпоставувате, омилената боја на англискиот рокер е секако црната, но се чини во овие години одбира и по некое посветло парче, како белите кошули или пак сивите блузи секогаш со интересен принт.

Она по што талентираниот рокер е дефинитивно најпознат (покрај одличниот глас и песни) е неговата руса бојадисана коса која што секогаш е исчешлана во „луда“ фризура.

Од омилените парчиња на рокерот, без кои тој дефинитивно не го напушта домот, ниту пак се појавува на јавните настапи се црните чизми за кои ќе каже дека ги има во многу дизајни, но и синџирите со кои често сака да си ги украсува панталоните, но и целото тело.

Дека тој е вистинска инспирација за голем број дизајнери и модни магазини ширум светот, последен доказ е и книгата на големиот Џон Варватос со наслов „Rock in fashion“ од 2013 – та година, во која дизајнерот пишува за неговите соработки со светски музичари меѓу кои и Били Ајдол.

Во продолжение, пред големиот концерт на рок легендата во Скопје, да се потсетиме на некои од неговите најстилски моменти од кариерата во кои дефинитивно ќе најдете инспирација за уникатни рокерски комбинации со мал милион детали без кои „Идолот“ не може да се замисли себеси.

Објавено:
26 јуни 2014
Категорија: 
Модна икона