Бруно Марс: Ретро модна икона родена во модерно време!

2 април 2015

Иако песната „Uptown Funk“ е објавена од пред неколку месеци, таа сѐ уште е хит број еден низ радио станиците. Човекот што ја отпеа, Питер Џин Ернандез или вам попознат како Бруно Марс, е дефинитивно еден од најмодерните мажи на денешницата, кој секогаш со себе носи нескротлива позитивна енергија.

Ова 29 – годишно талентирано момче од Хаваи на Холивуд му донесе еден посебен шарм од 50 – тите години, благодарение на неговата модерна интерпретација на колоритните костими, винтиџ парчињата, шапките, кожените јакни и уште многу други уникатни детали.

Благодарение на неговиот стил и неверојатна музика, тој постигна огромни резултати за многу кратко време, но и почит во модниот свет појавувајќи се на насловните страници на магазините како GQ, Billboard, Vibe и уште многу други.

Тој е познат по неговите неконвенционални костими во јаки и несекојдневни бои, но меѓу омилените парчиња без кои ќе каже дека речиси никогаш не излегува од дома, се и кожената „рокерка“, но и федора шапката која знае да ја украси со по некое пердувче.

Сосема спротивно од колоритните костими и карираните кошули, овој млад и неверојатно шармантен пејач многу често знае да ги изненади своите обожавателки со чифт панталони во темна боја и шик кошула, комбинирани со модерна вратоврска и секогаш стилско марамче.

Нему не му се непознати и бројните модни додатоци за кои ќе каже дека обожува да ги носи. Во неколку наврати тој ќе посочи дека никогаш нема да се откаже од неговиот златен часовник, алката и прстените на кои никогаш не заборава кога излегува од дома.

Во неколку интервјуа тој ќе каже дека пораснал со четири сестри кои многу често знаеле да го стилизираат или да му даваат совети за тоа што да облече. Денеска, тие се неверојатно модерни и талентирани музичарки кои настапуваат под името „The Lylas“.

Она на што ние особено речиси секогаш се восхитуваме, е неговата посебна енергија со која зрачи каде и да се појави.

Без разлика на тоа во што е облечен, тој несомнено шармира со неговата насмевка, несекојдневниот говор на телото и фантастичниот глас што е вистинска реткост!

Објавено:
2 април 2015
Категорија: 
Модна икона