Маргита Маги Стефановиќ

Црнокосата принцеза на EKV

4 август 2015

Со хитовите на групата EKV расте и денешната младина. Можеби не во иста мера како во поранешна Југославија, но нивната музика допре и до генерации потоа. Многумина сметаат дека нивното влијание и порака во вистинско светло досегнаа многу повеќе подоцна, отколку во времето кога беа активни. На оние помладите името Маргита Стефановиќ Маги можеби и не им значи многу, но оние малку повозрасните љубители на тогаш нарекуваната андерграунд музика, ќе се сетат дека Маги беше движечката енергија на овој бенд.

Во ЕКV беше клавијатуристка, а нејзиниот талент и харизма ја направија да биде една од најблескавите ѕвезди на југословенската рок сцена. Поради убавината и густата црна коса, го доби прекарот „црна принцеза“ односно „црниот ангел“ по кој и остана запаметена.

Нејзиниот живот може да се окарактеризира како патување во кое трага токму по животот и уметноста.

По завршувањето на основното училиште, Маргита запишува средно музичко училиште, каде најталентирана во класата и со апсолутен слух, добива понуда да го продолжи образованието на Московскиот конзерваториум. Сепак, по инсистирање на мајка си, таа ја одбива понудата и останува во Белград, каде запишува Архитектонски факултет.

Го завршува во рок, а во тоа време сè повеќе ја запознава и музичката алтернативна сцена. Дружбата со членовите на „Електричен оргазам“ ѝ го носи познанството со Милан Младеновиќ, тогашниот предводник на групата „Катарина II“. Воодушевен од нејзиниот талент и иновативност, успева да ја наговори да купи клавијатура и да стане дел од нивниот бенд. Во 1985 година, групата го менува името во EKV (Екатерина Велика) сè до 1994 година.

Во тој период Маргита компонира музика за театар, телевизија, работи како продуцент, а гостува и на албумите на многу југословенски групи. И по смртта на Милан Младеновиќ, таа продолжува да се занимава со музика.

Атрактивна и по изгледот, Маги во тоа време е фантазија за голем број мажи.

Во мојот нормален, стабилен живот, најнестабилниот дел сум токму јас самата. И тоа не поради било каква психичка или не знам каква нестабилност, туку поради постојаната потрага, во сите можени области на уметност и живот – изјави во една пригода Стефановиќ.

Нејзината посебност и во однос на доживување на животот, но и стилот, ѝ го донесоа и епитетот модна андерграунд икона.

„Совршенството на линијата е доблест. Името на кловнот е Пјеро. Него ќе го раниме, така што ќе го соголиме. Тој ќе стане едноставен. Веќе нема да се види шаренилото, нема да се слушне шушкањето на костимот, нема да се почувствува убавата свила или муслин под прстите. Неговата мала личност, неговото лично „јас“ ќе ни биде достапно. А тоа во ова време никој не го сака. Ниту тој, ниту ние. А што сакаме? Сакаме добро да се забавуваме, совршенството на линијата на неговиот изглед или нашата индивидуалност да останат доблест. Линијата така станува дел од уметничката логика и морал. Потоа, сите тоа брзо го забораваме и одиме добро да се забавуваме, изгледајќи прекрасно и дружејќи се, ако не со други, тогаш со самите себе. Успешно. Тоа не е незадоволство на телото, тоа се очи што ги гледаат работите онакви какви што не се. Тоа се очи што гледаат илузии што не постојат на други места, освен на хартија. Потоа, надевајќи се и верувајќи во Бог и своите раце, сами ги спроведуваме во дело“, е едно од нејзините размислувања за модата.

После EKV, Маги ја основа групата „Курајбери“, а потоа и составот EQV. Компонира за виенска музичка куќа, и ова е еден од нејзините последни плодни периоди.

За само 10 години од ѕвезда ќе успее да дојде до дното. И тоа буквално. Следната етапа во нејзиниот живот ќе ја обележи зависноста од хероин и долгогодишната употреба на разни наркотици, особено по смртта на нејзиниот татко во 1996 година.

На прашањето во едно интервју, како се гледа за десет години, таа вели: „Не можам да се видам, мачките замижуваат кога гледаат во иднина".

Ги продава сите недвивжнини, купува два помали стана, а остатокот од парите ги користи за патување во Индија. Желбата во далечна земја да го смени начинот на живот, беше еден од неуспешните обиди да се врати на вистинскиот пат. По враќањето во Белград, продава повторно сè и ги троши сите пари.

Заробена во зависноста, војните и смртта на пријателите и самата завршува трагично. Од неверојатен талент, љубител на животот и уметноста, жена за која воздивнуваат многу мажи, жена на која и жените ѝ се восхитуваат, заврши како бездомник, без храна и со нарушено здравје.

Од блескава ѕвезда, опкружена со бројни тонови, заминува тивко и во услови недостојни за еден човек. Умира во 2002 година на Инфективната клиника во Белград. Начинот на користење наркотици ѝ го носи и ХИВ  вирусот, кој е уште една од причините за нејзината смрт.

Жал ми е што не живееме во некоја поинаква, поздрава земја; што сите заедно не сме малку поздрави, пореално, поприземни, па некои работи не функционираат поинаку и не се дефинираат поинаку – е една од нејзините најпознати изјави.

И после смртта Маги беше инспирација за многумина. Нејзината пријателка и писателка, Лидија Николиќ објави книга за неа со наслов „Secanja. О. Secanja“, а црната принцеза не го остави рамнодушен и Зоран Предин, кој ѝ ја посвети песната „Kosa boje srebra“.

-Ме воодушеви силата на ставовите на Маргита, смиреноста во говорот и нежноста на нејзините движења. Очигледно трагичната судбина на моите музички колеги ме потресе до таа мера што, таа ноќ, под впечаток од филмот, сонував дека ја сретнав Маргита, но таа не ме препозна поради мојата коса со боја на сребро. Следното утро седнав и ја напишав песната – откри Предин.

И токму тоа, нејзините ставови, бунтовност и убавина ја направија икона. И иако животните избори го одредија крајот на нејзината приказна, Маги ќе остане секогаш запаметена како црниот ангел вљубен во уметноста.

фото: Фејсбук страна Margita Magi Stefanovic, Срѓан Вејвода

Објавено:
4 август 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.715 пати