Џенис Џоплин – живееше рокенрол и остана бесмртна

7 мај 2020

Отсекогаш ме фасцинирала луцидноста на Џенис Џоплин. Нејзините несовршености ја правеле совршена, автентична, вредна и незаборавна. Првата жена рок ѕвезда во Америка.

Ја открив во период на моите рани тинејџерски години. Тоа е во времето на Бритни Спирс. Тогаш јас дознав за Џенис Џоплин и за мене тоа беше еквивалент како да сум отворила школка со бисер без цена. Различна во сè од тоа што до тогаш сум познавала од жени во музиката.

Неконвенционална во секој поглед. Нејзиниот живот ( 1943-1970) бил непредвидлива авантура, беспоштедно и безрезервно предавајќи му се на мигот.

И сиот бес и сета љубов и целиот хедонизам и најинтимната болка, ги редефинирала во музика. Беспоштедно, без математика и пресметка. Нејзината музика била таа самата, разголена онаква каква што е: со лузни, без шминка или крајно насмеана или крајно тажна. Кај неа немало средина, само екстреми. Затоа останала безвременска, и таа и музиката нејзина. Нешто што загрижувачки недостасува сега, кај модерните артисти кои брзо бидуваат заборавени и изживеани.

Живеeла рокенрол. По целата негова амплитуда. Од врвот паѓала на дното, па пак се качувала. Цената ја плати прерано, завршувајќи во „клубот 27". Но, остана бесмртна затоа што беше верна на себе, за денес пак да биде лик на чија биографија ќе работат филмски режисери или музички новинари, постојано оживувајќи го споменот за неа.

„Pearl", нејзиниот втор и последен соло албум, ќе остане бисер во музичката индустрија, лекција за женски рокенрол и блуз.

Магазинот „Ролинг Стоун" во 2004 ја рангирал на 46-тото место на списокот на 100 најголеми уметници на сите времиња, а во 2008 на 28-то на списокот на 100 најдобри пејачки на сите времиња, иако нејзиниот глас е далеку од совршен, ама е моќен и вистински. А тоа е подобро и од совршен.

Нејзиниот имиџ е отелотворување на хипи ерата во нејзината најавтентична есенцијалност. Иако комерцијализацијата на нејзиниот стил во модерново време веројатно не би ѝ се допаднало, факт е дека многу актуелни тенденции се повкуваат и постојано се навраќаат на бохо стилот од времето на Џоплин. Ѕвонарки, многу накит, „неуредна коса", кошули со етно везови – сето тоа што денеска и луксузнте етикети го продаваат, почнува со „flower power" генерацијата.


 

Објавено:
7 мај 2020
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
2.667 пати
Тагови: 
Џенис Џоплин