Една вечер, пред 30 години, Клаудија Шифер, патолошки срамежливата тинејџерка која живее во прредградието на Дизелдорф, има една обврска пред неа, што подразбира социјализација. Семејството Шифер има гости од Хамбург и Клаудија е задолжена да ги однесе некаде да се забавуваат. Локалниот клуб не е добар избор, па затоа одат во еден ноќен клуб во центарот наградот. Клаудија никогаш порано не била на такво место – делумно поради проблемот со превоз (далечината на живеење), а делумно поради срамежливоста.
Но, благодарение на ситуацијата во која се нашла, со сина сенка на очи и руменило, Клаудија оди во клубот и таа вечер ќе стане судбинска. На истото место ќе се најде и моден скаут, кој пак, воошто не ни требал да биде таа вечер во клубот.
-Останатото е историја. Толку многу случајности, толку многу нешта што можеа да тргнат сериозно лошо, да тргнат по некој друг пат. А ништо лошо никогаш не ми се ни случило. Само две работи, што дури и не можам да ги наречам така. Еднаш се возев во приватниот авион на „Ревлон“, и одевме од град во град, но наеднаш се појавија некои проблеми и моравме итно да слетаме. А вториот пат, бев во мал авион и вратата од мојата страна се отвори, го ставив ременот и цело време се држев за него. Тоа е сè – раскажува моделот од денешна перспектива.
Градејќи се како модел, била опкружена од т.н. ураган на алкохол и дрога.
-Тоа никогаш не дојде ни блиску до мене. Не ми се допаѓаше вкусот на алкохолот, ми горчеше. Сокот од праска имаше многу подобар вкус. Првата чаша вино ја испив во доцните 20-ти и си помислив: „Ова нема лош вкус!“. Ако помислите на сите работи што се случуваат во овој луд свет, веројатно ќе си кажете, како е можно да се трае 30 години и да се одбегнат сите лоши работи. Веројатно има некој, од некоја друга планета, или друго место, пратен на оваа наша Земја, кој имал за задача да ме чува. Јас верувам во тоа – признава Шифер.
Да, Клаудија Шифер работи како модел 30 години и верува во ангели чувари. Моделството го нарекува „свој спасител“.
-Да не беше моделството, веројатно сè уште ќе бев екстремно срамежливата личност, која нема идеја како да го надмине тоа и која ќе пропуштеше да искуси многу работи. Веројатно ќе работев некоја работа во која ќе бев во позадина, како банка или нешто „зад сцената“. Моделството беше мојата терапија. Научив како да комуницирам, како да се однесувам со луѓе и секако, да имам успех во нешто – вели Клаудија.
Таа додава дека овој бизнис воопшто не е лесен и дека многу девојки потклекнуваат на патот да станат успешни.
-Многу модели денеска ми се јавуваат и ми велат, многу е тешка оваа работа, не можам да се справам со неа. Да, тешка е, особено ако си чувствителен. Мора да имаш „дебела“ кожа ако сакаш да успееш. Влегуваш во студио, а луѓето веќе ти зборуваат зад грб и можеш да ги слушнат, дури не се ни трудат да бидат културни, затоа што нив воопшто не им е гајле дали ти ги слушаш или не и го кажуваат сè она што не е добро на или кај тебе. Ќе те најмат за работата, па ќе ти откажат, а твојата другарка ќе ја добие работата. Од некоја причина, јас секогаш имав малку чуден, арогантен став кој велеше, јас ќе бидам добро, ќе најдам нешто друго. Моделингот е натпревар, конкурентност. А во 199—тите конкуренцијата беше огромна. Кога ќе се видевме една со друга, секогаш сè се сведуваше на тоа, ајде да се забавуваме и да бидеме пријатели. Но, зад сцената секогаш излегуваше конкурентноста и прашањето: „како можам да ја добијам оваа работа?“. Но, од оваа перспектива гледано, тоа и не беше толку лошо, бидејќи сите бевме успешни – вели Шифер.
На прашањето дали 1990-тите се подобри од сегашното време и дали подобро се заработувало, ќе каже:
-Не би кажала дека беше подобро, но беше поинакво време. Денес можеш веднаш да видиш како ќе изгледа фотографијата. Тогаш немаше дигитална фотографија, сè се одвиваше преку Полароидите. Па, сите мораа да работат уште понапорно, затоа што никој не беше стопроцентно сигурен дека ја има вистинската фотографија. Работевме многу понапорно и многу повеќе часови, но имавме и многу повеќе време и поголем буџет. Снимањето можеше да трае недела или две. Сега е во еден ден. Сè е многу брзо, кратко, навистина е бизнис. Потоа, акцентот беше ставен на финалниот производ, на креативноста. Сè беше подредено на модата. Никој од музичката индустрија или актерите не доаѓаше предвид, дури ниту најголемите имиња. Моделите, фотографите, дизајнерите... беа вистински „рок ѕвезди“. И имаше многу емисии тогаш. Ако прашавте некој да плати за да се појавите, ќе платеше и немаше никаков проблем. Денес, секој може да се занимава со оваа работа, но тоа воедно прави уште поголем конкуренција, па морате да бидете и нешто повеќе од модел – актерка, пејачка, активист... мора да слушнат за вас, да ве забележат, за да опстоите подолго во овој бизнис – објаснува Клаудија.
Таа започнува да се занимава со моделство во 1987 година, кога има 17 години.
-Никогаш не очекував вака долга кариера. Секогаш си мислев дека 30 години се крајната возрасна граница со која би можела да опстојам. Потоа, сфаќате дека 40-ката е новата граница, а потоа дефинитивно е готово. Но, денес, имам преку 40 години, а исто ид ругите девојки. И нема никаква врска со физичкиот изглед, туку со тоа дали сте успеале да изградите име, бренд за самите себе. Ако сте познати, ако сте достигнале успех до одредена точка, ќе „живеете“ подолго во овој бизнис. Секоја нова соработка што ја правам е надоградба на она што веќе го знам. Се обучувам 30 години и знам што е квалитет, бидејќи сум работела со најдобрите. И бидејќи ја сакам модата, не сакав да прифатам ништо друго освен модни ангажмани. Тоа е мојот свет. Исто така, една од работите по која сум позната е што никогаш не прифаќав да излезам на писта, ако не носам удобни чевли. Нешто што најмалку сакам се убави, но неудобни и недобро изработени чевли. Обувката мода да „легне“ на ногата и да го држи стапалото, за да не паѓате – открива Шифер.
Искуството од 30 години направило да може точно да препознае дали нешто е добро.
-Триесетгодишната кариера направи да го истренирам окото, така што совршено знам да препознам добра фотографија и добар фотограф. Можам да ја видам фотографијата и да кажам: „Ова уште не сме го направиле“. Неодамна работев со една нова фотографка, Агата, за „Харперс Базар Русија“ и таа беше неверојатна. После пет, шест фотографии, знаев дека тоа е тоа. Но, таа се чувствуваше несигурно. Па, речиси и да бев и модел и уредник – изјави моделот за BOF.
И покрај тоа што е една од најубавите жени на светот и успешни, вели не била девојка со која момчињата би излегувале или со која другите девојчиња би сакале да се дружат.
-Имаше една девојка со која заедно учевме моделинг, но таа никогаш не стана модел. Затоа, сметам дека тоа не е нешто што може да се научи. Ако моите деца навистина посакаат да се занимаваат со оваа професија, јас ќе бидам нивниот ангел чувар. Јас можам многу подобро да ги заштитам отколку што тоа ќе го направи агент, како што мојот не знаеше да го прави тоа, на пример. Затоа, ако можете и имате мајка која може да ве заштити, иако знам дека тоа не звучи добро, искористете го тоа – советува Клаудија.
Последниот ангажман на кој ја гледавме, беше ревијата на „Версаче“ во рамки на Миланската модна недела, каде големата петорка се појави на пистата како некогаш на фамозното шоу од 1994 година.
фото извор: pinimg.com; amazonaws.com; hellogiggles.com; fashionweekdaily.com; people.com; eonline.com;
hawtcelebs.com; thesun.co.uk;