Кристијано Роналдо: Модна икона со уникатен стил што или го сакате или го мразите!

12 јуни 2014

На денот на почетокот на Светското фудбалско првенство, наша модна икона за денеска е еден од најпосакуваните фудбалери на светот Кристијано Роналдо! Освен тоа што е и најдобриот фудбалер на светот, тој е и спортист со посебен стил што или го сакате или го мразите.

Иако на почетокот, неговиот стил можеби и не беше сосема за пример, но сепак, никако не смееме да го заборавиме периодот кога сите млади момчиња ширум светот ја копираа неговата фризура што дефинитивно беше револуционерна.

Многумина, го опишуваат како „сензационалниот“ Роналдо! Тоа можеби е и најсоодветниот збор за него, со оглед на тоа што покрај одличната игра, за почит е и неговото огромно влијание во светот на модата и стилот, а покрај тоа пак, тој е и извонредна личност.

Она што веруваме дека жените најмногу го сакаат кај него, е неговото неверојатно, атлетски градено тело поради кое, што и да облече, изгледа одлично. Надвор од теренот, од она што може да се забележи е дека големиот Роналдо е љубител на лежерниот и спортски стил што и најмногу му одговара.

На свечените настани најчесто можеме да го видиме во одличен костим што секогаш добро му прилега, а во слободните денови, со едноставни фармерки, маичка и куси јакни – најчесто кожени.

Она што е неизбежно да се спомене, е тоа дека по Дејвид Бекам, Кристијано Роналдо е единствениот светски фудбалер кој сам по себе успеа да стане вистински бренд и надвор од рамките на спортот.

Според последните истражувања, токму Роналдо има и најголемо влијание како спортист на модните трендови, а особено кај младите кои непрестајно го копираат неговиот стил. Како што и самиот кажа, тој воопшто не се грижи за тоа дали луѓето ќе го критикуваат неговиот стил и единствено драго му е што успеал да го привлече нивното внимание.

Трендовите што тој ги поставува се секогаш прифатени и одобрени од неговите обожаватели. Неговата неверојатна самодоверба со која знае да го износи секое парче, е нешто со што тој секогаш зрачи без разлика на тоа дали ќе одбере некоја погрешна комбинација која што скоро секогаш му се простува.

Португалскиот виртуоз и воопшто не треба да се грижи за тоа што луѓето мислат за неговиот стил. Неговата слава како најсекси спортист во светот му овозможи соработки со неверојатни светски брендови како Пепе Џинс, многу компании за часовници, потоа Кока Кола, Најк и уште могу други брендови.

Кога говориме за стилот, 29 – годишниот фудбалер се чини најмногу е познат по неговите секогаш уникатни фризури. Неговиот стилист буквално секој месец се обидува да пронајде нов тренд што неговиот миленик ќе го промовира во светот.

Во 2009 година тој ја лансираше неговата линија за облека, по што и отвори две продавници каде неговите обожаватели може да ги најдат сите нивни омилени парчиња.

Во продолжение, да се потсетиме на некои од најдобрите комбинации на светскиот фудбалер.

Објавено:
12 јуни 2014
Категорија: 
Модна икона