Откако во 2012 беше прогласена за Мис на Америка, а потоа и за Мис Универзум, Оливија Кулпо стана една од омилените девојки на Американците.

Таа остави најголем впечаток со нејзиниот сосема поинаков избор на свечен фустан за изборот на Мис Универзум кога на сцената се појави со неверојатно секси фустан без ниту една светка на него.

Американците тогаш пишуваа дека таа е единствената девојка која успеала да ја освои круната за прв пат во историјата со фустан кој беше сѐ, само „кич“ не.

Денеска, Оливија Кулпо важи за една од најголемите трендсетерки во Америка и во светот, постојано изненадувајќи не со супер стилски комбинации кои секогаш ѝ прилегаат толку добро.

Од неодамна таа е заштитно лице на познатиот бренд Rampage, следејќи ги стапките на големите Жизел Бундшен и Криси Тиген.

„Јас секогаш сум возбудена за она што го носи иднината. Возбудена сум за новите работи, за соработките, за секоја дружба поврзана со мојата работа. Отсекогаш ја сакав модата и обожував да си правам комбинации. Тоа за мене е нешто многу креативно и еден начин да се изразиш себеси и тоа како се чувствуваш. Секогаш сакам да ги комбинирам парчињата во зависност од моето расположение, сезоната, времето, трендовите, историјата... се инспирирам буквално од сѐ“, вели Оливија во едно интервју.

За нејзиниот личен стил ќе каже дека е многу едноставен и изграден од минималистички парчиња.

„Сакам монохроматски изглед, чисти линии и добро скроени парчиња. Сакам да купувам парчиња што ќе изгледаат добро и по неколку години. Одри Хепберн го правеше тоа. Било која девојка може да ја носи нејзината облека и денеска и да изгледа модерно и шик“, вели таа.

Во однос на чевлите Оливија ќе каже дека секоја девојка во плакарот треба да има високи „шпиц“ потпетици во основните бои и чизми над колената кои секогаш ќе додадат доза на сексапил дури и во сосема обичните комбинации.

За модата ќе каже дека е како уметност.

„За мене уметност е секојдневното комбинирање на различни парчиња и уживам во крајниот резултат. Новите и веќе докажаните дизајнери секогаш ме инспирираат кога ги гледам колку време и енергија му посветуваат на едно парче. Секогаш ќе ја почитувам модата и емоциите и приказните кои таа ги носи со себе“, вели Оливија.

Објавено:
10 август 2016
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
1.580 пати