Што се крие зад приказната на Раф Симонс?

28 октомври 2015

Информацијата дека Раф Симонс си заминува од Диор буквално го шокираше модниот свет и сè уште се зборува за тоа. Можеби и со ист интензитет како кога му се приклучи на ова модно семејство. За ова време, многумина добија впечаток дека Симонс одлично се снаоѓа на позицијата уметнички директор.

На прашањето кои се причините за заминувањето, дизајнерот само одговори: „Го напуштам Диор од лични причини“.

Тоа беше доволно да започнат бројни теории, што се крие зад личните причини на Симонс.

Дизајнерот во 2013 година имаше интервју за The Talks, каде на прашањето дали се смета за некој што живее и дише за модата, го даде следниот одговор:

-Како да го срочам ова, а да не бидам премногу критичен? Не постојат многу работи во модниот свет што ме интересираат. Веројатно поради тоа што сум премногу длабоко навлезен во модата. Често кога премногу длабоко ќе навлезете во нешто, откривате за што всушност се работи и подобро го разбирате. Сè уште имам љубопитност за уметничкиот свет. Постојат многу нешта што ме привлекуваат и кои не ги разбирам сосема, но тоа ме фасцинира. Во модниот свет има многу брендови и дизајнери, па стануваш повеќе критичен и мора да имаш еден конкретен поглед на работите. Модата е нешто што јас го работам, и да, дефинитивно е дел од мене и мојата личност. И не го чувствувам многу како работа. Тоа е сон или страст за нешто. Мислам дека постојат нешто кон и со кои сум повеќе приврзан отколку за модата, лични, приватни работи. На пример, околината, семејството, пријателите...

Во младите години, Симонс никогаш не патувал. И не знаел дека ќе се занимава со дизајн еден ден.

-Никогаш не одев на одмор. Мојот живот буквално беше улицата. Собирав плочи, затоа што нели, кога сте млади заинтересирани сте за бендови. А за мода се заинтересирав дури на колеџ. Учев религиозно училиште, свештеници ми беа учители. Не бевме информирани за работите што можеме да ги правиме. Сè до 18-тата година јас не знаев дека можам да студирам моден дизајн или уметност. Навистина не знаев. Уметноста веќе ме интересираше, истражував, но не претпоставив дека можам да учам за тоа, бидејќи моето училиште беше во сосема поинаква средина и окружување. Тоа е од оние училишта каде потоа сакате да бидете доктор или адвокат, а тоа воопшто не е дел од она што сум јас. Од луѓето што доаѓаа еднаш или два пати годишно за да ни ги претстават можностите за студии земав книги каде што имаше архитектура и индустриски дизајн. Училиштето за индустриски дизајн беше во близина на нашата куќа, па одлучив да видам за што се работи. Отидов и видов деца со цигари, опуштени. Тоа беше сосема нов свет. По само неколку месеци таму јас сфатив какви сè можности имам. Тоа беше период кога белгиските дизајнери се будеа и мене ме привлече многу тоа. Бев премногу скромен за да мислам дека нема да бидам добредојден во модната, затоа што студирав дизајн, но помислив дека можеби е добро да напишам писмо и му пишав на Валтер Ван Бајрендонк, за да видам дали ќе се најде некој што ќе ми дозволи да работам за него.  Токму тој ме однесе во Париз на шоуто на Мартин Марџела, каде буквално плачев и така јас почнав да се инфилтрирам во модниот свет и да почнам да создавам работи – раскажува дизајнерот.

А приказната за Раф и Диор?

За тоа пишува и Грго Зечиќ. Кога дојде време Диор да именува нов креативен директор, прв избор е Албер Елбаз, а втор Хајдер Акерман. И двајцата ја одбиле понудата да  бидат на оваа челна позиција. Третиот избор е Раф Симонс. Зечиќ потенцира на тоа дека тоа што Симонс е трет на списокот не е за занемарување.

„Проблемот на Диор е прилично едноставен: есенцијата на куќата во колективната свест на јавноста се базира на експлозивни ревии на Џон Галијано, кои одземаа здив со раскошот и богатството. Галијано беше шоумен, текстописец, поет, режисер на највеличествените ревии кои на Диор му служеа како беспрекорна реклама за промовирање на модни додатоци и парфеми. Галијано со себе влечеше војска на жени кои ги обожаваа неговите креации колку и да изгледаат помпезно на писта. Облеката на Галијано беше пред сè страствена. Често ненослива, но страствена. Диор стана Галијано и Галијано стана Диор“, пишува Зечиќ за хрватското  Buro24/7.

дел од првата колекција на Симонс за Диор

Тој додава дека заедничката точка помеѓу Галијано, Елбаз и Акерман е што тие на жената не гледаат како на предизвик, туку како на муза.

„Симонс во женската мода отсекогаш беше концептуален дизајнер. Неговите исклучителни колекции за Жил Сандер воодушевуваа со комплексна едноставност, минимализа кој „чекори по мраз“ и материјали како PVC. Сандер не се продаваше. Кога пред три и пол години Симонс е именуван за уметнички директор на Диор, модниот свет беше во чудо. Позитивно изненаден. Симонс и Галијано се две одвоени галаксии. Раф зачекори во архивите и ја истражуваше минималистичката страна на господинот Диор.

Џон Галијано за Диор, fw haute couture 2005/6

Повторно ја „измисли“ култната „бар јакна“, внесе низа футуристички елементи во колекциите кои беа суптилни, но доволно силен приказ на она што Симонс сака да го постигне со овој бренд. Носталгијата и романтиката никогаш не го интересирале овој дизајнер, па затоа и никогаш не успеа да се приближи до женските соништа. Најголемиот комерцијален успех на Симонс во Диор се футуристичките патики и очила за сонце, кои секоја сезона се рекордно продавани. За неговите патики, спој на претерано украсување и спортска динамика, постои листа на чекање. Тоа сега го признаваат и оние критичари што цврсто стоеја зад него. Како што се гледа и во документарниот филм „Диор и јас“, Симонс е пристапен, драг, емотивен креативец, но креативец кој се губи во ходниците на легендарната куќа. Строгиот протокол на haute couture системот е нешто во што Симонс се чувствуваше сосема непријатно, што не беше случај ниту со Галијано или Рикардо Тиши. Но, тоа не треба да изненадува, бидејќи Симонс пред сè е дизајнер на машка мода. Тој е револуционер на машката мода“, смета модниот уредник.

И зошто пукна соработката, која според многумина ветуваше многу?

Легендарната Сузи Менкез од  Vogue смета дека главата причина е во темпото на прикажување на шест ревии годишно. Дури и самиот Симонс признаваше во некои интервјуа дека притисоци доаѓаат од сите страни, посебно од интернет агресијата, па ниту тој самиот не знае како ќе заврши сè. Две сезони ready-to-wear, две колекции Haute couture, две колекции ресорт, односно cruise.... Симонс се изгуби.

„Симонс, како и Фиби Фило и Хеди Слиман, е дете на 1990-тите. Припадници на сосема поинаков систем. Фиби Фило бараше од LVMH на самиот почеток бараше комплетното студио од Париз д асе премести во Лондон. Исто така, јасно инсистираше дека сака да има контрола над дизајнот на дуќаните, презентација на ревиите и сите кампањи на куќата.

Слиман за сопствениците на Керинг (инаку конкуреција на LVMH) отиде најдалеку од сите. Бараше апсолутна контрола над Ив Сен Лоран. И го доби тоа што го бараше. Го смени името, логото, ателјето е преместено во Лос Анџелес, а Слиман ги дизајнира дуќаните, ги снима кампањите, одлучува која позната личност може, а која не да носи Сен Лоран. Колку и да мразат да признаат, сите дизајнери му се восхитуваат на Слиман и на сè што доби. Благодарение на комплетната контрола на брендот, тој знаеше дека ќе донесе профит и дека сè ќе сврти во свој правец. Симонс од Диор доби многу малку. Симонс од Диор бараше да ја преземе контролата на комплетните визуали на куќата, од модни кампањи до козметика, како и да учествува во дизајнот на дуќаните и сите „креативни придобивки“, што и ги доби. Сепак, челните луѓе на Диор не можеа на Раф да му овозможат сè што бара, бидејќи Диор е голема фабрика на луксузот, која има посложена структура која не смее да се чепка. Парфемот на Галијано, J’Adore со Шарлиз Терон и понатаму е beauty врвот на куќата, кој сè уште неверојатно се продава“, потенцира Грго.

Сузи Менкез пак го поставува прашањето, зошто модата „крашира“?

„Креативните луѓе во големите модни куќи имаат сè – асистенти, возачи, патуваат со прва класа, имаат елегантни, луксузни домови и клиенти што се вистински ѕвезди. Имаат сè освен време“, вели Сузи.

Неверојатно брзото темпо на модната индустрија таа смета во добра мера е виновно и за збогувањето со Меквин, тешкиот период на Галијано, заминувањето на Марк Џејкобс од „Луј Витон“, заминувањето на Марџела, Ралф Лорен, Готје и други дизајнери кои се повлекуваат во сенка. Затоа и Фило и Слиман бараа канцелариите да се доближат до нивните домови.

„На крај, можеби модниот свет ќе му заблагодари на Раф Симонс за храбриот чекор. Што си заминува од Диор со крената глава. За тоа што си го враќа животот назад“, пишува Сузи.

И сосема на крај, Раф Симонс ќе биде добро, ќе биде задоволен и среќен, подготвен за нови предизвици. Следното прашање е кој ќе дојде на неговото место во Диор? Симонс остави своја трага во Диор, но кој е идентитетот на оваа модна куќа денес?

Објавено:
28 октомври 2015
Категорија: 
Модна икона
Прочитано:
462 пати