Ја нарекуваа подвижна реклама за аутсајдери, жена-крава, телевизиско фрик шоу. Нејзината кожа е нешто што прво се забележува кога ќе ја видите. Но, таа е уште еден пример дека слабоста или недостатокот можат да станат предности.
Неодамна се фотографираше само по долна облека, покажувајќи дека ја слави различноста, вест што ја пренесоа сите светски медиуми.
-Не се разликувам од другите поради својата кожа. Се разликувам по тоа што на својата убавина не гледам и не ја доживувам врз основа на туѓите мислења. Убава сум бидејќи го знам тоа. Секој ден славете го тоа што сте единствени и посебни – напиша 23-годишниот модел на социјалните мрежи.
Неа ја обожуваат и уметниците, дизајнерите, фотографите... За неа ќе речат дека е комбинација на Наоми Кембел и Мерилин Монро. Несовршеностите ѝ се совршено распоредени на кожата. Шантел Браун Јанг односно како што јавноста ја познава, Вини Харлоу испишува нова историја.
-Велат дека сум лепрозна, дека ги контролирам промените на својата кожа, дека ја избелува, дека мојот изглед е резултат на изгореници. Но ништо од ова не е точно – ќе изјави оваа млада Канаѓанка во една пригода.
Вистината е дека на четиригодишна возраст забележува бела дамка на стомакот. Набргу добива дијзагноза – витилиго. Не се знае што го предизвикува, но е безопасна состојба на кожата, а доаѓа до процес кој ги уништува ќелиите одговорни за создавање на пигменти. Потоа, во наредните неколку години, слични бели точки почнуваат да ѝ се јавуваат на телото, рацете, колената и лицето.
Витилигото може да се развие на сите типови кожа и да го зафати било кој дел од телото, зафаќајќи ги очите, косата и устата. Но, оваа периодична пигментација најзабележителна е на темна кожа. Кај Вини е интересно што избелените делови се речиси симетрично распоредени по лицето и телото.
„Глуми додека не успееш. Ќе си велам дека сум убава, додека не почувствувам дека тоа е вистина“ е мотото по кое ќе се води додека расте и на крајот ќе успее. А тоа го покажа и со последната фотографија.
Но, патот не бил лесен. Поминале години додека таа не почувствувала дека ѝ е удобно во сопствената кожа. На училиште била секојдневно жртва на мобинг. Освен што ја нарекувале крава, соучениците ѝ мукале во лице, бидејќи нејзината кожа ги асоцирала на крава.
Од грдото пајче, таа станува кралица на модните писти. Денеска е горда на својата кожа, но не сака тоа да ја дефинира.
-Ако денес сум сосема црна, сè уште сум модел. Ако некој друг ден сум комплетно бела, и понатаму ќе бидам модел – вели таа.
Растејќи во Торонто, заедно со двете сестри и самохрана мајка, Вини била активна на повеќе полиња – балет, клавир, новинарство, но никогаш во манекенство.
Поради малтретирањата, на кои била изложена од врсниците, го напушта училиштето повеќе пати. На 17-годишна возраст последен пат го напушта и не се враќа. А тогаш ѝ се отвораат можностите за кариера како модел и тоа благодарение на тоа што предизвикало големо незадоволство и патење низ годините – нејзината кожа.
Првиот ангажман ѝ бил снимање спот. Потоа станува дел од серијалот America’s Next Top Model. На прашањето дали повторно би направила исто ќе каже:
-Не, затоа што сакам да бидам модел, а не ријалити ѕвезда.
Ќе биде елиминирана како втора по ред. Тоа е шоу кое има за цел да промовира различност, но сепак експлоатира, а меѓу учесниците има голема доза на нарцизам и ранливост.
-Ако сакате да гледате еден ист тип луѓе одново и одново, тоа индустријата и ќе ви го сервира. Ако бараме нешто поинакво, ќе мораме да даваме нешто поинакво, тогаш ќе мора да ни го дадат. Своевремено во ставаа во категорија со албино модели – не сакам да бидам дел од никаква категоризација! – потенцира моделот.
Сепак, Тајра Бенкс ќе го препознае потенцијалот во неа.
Вини донела одлука дека ќе ја прифати и слави својата кожа таква каква што е и тоа го демострира одбивајќи да се подвргне на било каква терапија или естетски зафат. Инаку, постојат терапии со зрачење, со можност за боење на кожата, шминка, дури и естетска интервенција, но ништо од тоа не е во опција.
-Луѓето сметаат дека сум против секоја промена затоа што сум горда на својата кожа. Не сум ниту за, ниту против било што, освен за тоа да бидам среќна. И среќна сум без оглед на тоа кој избор ќе го направите. Дали ќе интервенирате на веѓите, ќе ги зголемите усните, ќе одите на липосукција – ваш избор. Сè додека сте среќни... – вели Харлоу.
Најмногу си се допаѓа кога носи само маскара и кармин. Освен модата, ја сака музиката, особено рап. Најдобрите пријатели вели ѝ се мајката, двете сестри и менаџерот.
Харлоу со својот изглед предизвикува поместување на границите во модната индустрија и митот за т.н. совршена убавина. Така што, овде не се работи само за кожата, туку и за модните стереоптипи и лажните вредности, како и улогата на моделите и модната индустрија во животот на просечните жени.
На прашањето, кој дел од своето тело го сака најмногу ќе каже:
-Ги обожувам своите усни!
Инаку, досега е добитник на неколку награди, за модел на годината, како и награда за идол за убавина. Заштитно лице е на „Десигуал“.