Ова се жените кои ја редефинираат убавината

25 март 2015

Дека критериумите за убавина во последниве години значително се менуваат е и повеќе од сигурно. Но, нема ништо поубаво од девојките кои и покрај нивните значајни различности од останатите, успеваат да станат вистински хит во модната индустрија. Тие постојано нѐ „хранат“ со нивните прекрасни едиторијали и фотосесии за различни светски брендови преку кои праќаат исклучително моќна порака. Покрај тоа што се исклучително талентирани, тие дефинитивно со нивниот изглед го менуваат лицето на модната индустрија на што толку долго чекавме.

Во продолжение, дознајте ги приказните на некои од нив!

Леа Т

Трансродовата манекенка беше откриена од креативниот директор на Живанши, Рикардо Тиши во 2010 – тата година откога е и заштитно лице на брендот. Последниве години таа се појави во голем број едиторијали и беше дел од модните шоуа на многу светски дизајери. Минатата година, таа стана првиот трансродов модел на козметичкиот бренд Редкен. „Сакам да работам со Редкен бидејќи тие ја ценат убавината на вистински начин. Тие секогаш веруваат во индивидуалноста на една личност, а тоа секогаш е многу важно“, вели Леа.

Денис Бидо

Таа беше првата девојка која зачекори на пистите во рамки на модната недела во Њујорк во 2014 – тата година. Оттогаш, таа се појави и во кампањите на Таргет, Forever 21, Macy’s и Nordstrom, а денеска, Денис е портпарол на кампањата „Curves“ која ги учи девојките ширум светот да си го прифатат телото онакво какво што им е. „Целата филозофија е во тоа да се чувствувате удобно во вашата кожа. Нема погрешен начин да се биде жена“, вели Денис.

Вини Харлоу

Прекрасната 19 – годишна Вини Харлоу е девојка со хронична болест на кожата која предизвикува губење и избелување на кожата на делови од телото. Откако целиот живот ја задевале каде и да се појавела, во 2011 – тата таа постави неверојатно искрено видео на Youtube во кое за прв пат јавно говори за болеста. Денеска, таа е дел од бројни рекламни кампањи на познати светски брендови меѓу кои и Diesel, Desiqual и многу други.

Џилијан Меркадо

Оваа прекрасна девојка има сериозна болест на мускулите поради што долго време е во количка. Но, тоа не ја спречи да ја покаже сета своја убавина во рекламните кампањи за Diesel, Nordstorm и уште многу други брендови. „Долго време сакав да се поистоветувам со луѓето околу мене. Сето тоа беше лага. Ние мора да престанеме да бараме начини да бидеме убави, бидејќи ние сами по себе сме убави“, вели инспиративната Џилиан.

Андреја Пејиќ

Роден како Андреј Пејиќ, овој андроген модел долго време за себеси велеше дека живее некаде меѓу машкиот и женскиот пол. Неодамна, конечно тој го смени полот од машки во женски, по што веднаш изјави дека конечно се чувствува удобно во својата кожа. Таа му стана позната на светот откако се појави во шоуто на Жан Пол Готје, каде носеше како машка, така и женска облека.

Џејми Бруер

Оваа 30 – годишна актерка која е позната по нејзината улога во филмот American Horror Story, за прв пат во историјата беше дел од модната недела во Њујорк каде предизвика вистинско воодушевување. „Младите девојки ќе ме видат и ќе си кажат дека ако тоа јас го можам, зошто и тие да не го направат. Токму тоа и ми беше целта. Вистинска инспирација е да бидеш пример за младите жени денеска, да им кажеш дека можат да направат сѐ што ќе посакаат“, вели Џејми.

Елиот Сејлорс

Оваа прекрасна и несекојдневна девојка порано беше дел од едиторијали и кампањи кои исклучиво рекламираа само женска облека. Но, денеска, сакајќи да има што е можно подолга кариера и да пробува нови работи, таа се појавува и во машки и женски едиторијали. „Што се однесува до моето тело, секогаш сум се чувствувала убаво во него и отсекогаш сакав да бидам и да останам девојка“, вели Елиот.

Робин Лавли

Оваа австралиска манекенка денеска е една од најпознатите plus size модели во модната индустрија. Она што е особено фасцинантно кај неа, е тоа што таа воопшто не се чувствува како plus size модел. „Јас сметам дека сум само модел, бидејќи јас генерално им помагам на жените да си го прифатат своето тело онакво какво што е“, вели 25 – годишната Робин.

Кармен Дел Орефиче

Иако Кармен има 83 години, ништо не ја спречува да се појави на насловната на Harper’s Bazaar. Таа се смета за најстариот модел во светот што сѐ уште успева да предизвика подеднакво внимание. Оваа прекрасна жена за прв пат се појавила во Вог на 15 години, по што воопшто не престанала да се појавува во различни кампањи и едиторијали.

Објавено:
25 март 2015
Категорија: 
Стории