НАПРАВИ САМ

Декоративни тиквички по примерот на нашата инстаграмџика Драгана Николоска

14 октомври 2022

Тиквичките се омилениот елемент во есенското декорирање на домовите, а продавниците за декор нудат широк избор на декоративни тиквички.

Со својата разноликост во однос на модели, големини, форми, бои и материјали од кои се изработени, тиквичките можат да најдат свое посебно место во секој дом, без разлика на стилот во кој е уреден.

Но, доколку оваа сезона сакате да му додадете дополнителна уникатна нота на есенскиот декор во вашиот дом преку рачно изработени декорации, секогаш можете да пребарате на интеренет DIY насоки со кои можете да дојдете до посакуваниот ефект.

Во овој случај денес со вас споделуваме еден симпатичен DIY начин на изработка на тиквички по примерот на нашата инстаграмџика Драгана Николоска.

На својот профил таа објави видео каде покажува како користи исечоци од стари блузи, полнење за перници, коноп и стапчиња од цимет.

„Кога ја заменував летната со зимската гардероба најдов неколку работи што ми беа за фрлање, но решив да ги искористам за да ја направам оваа есенска декорација.

Се надевам од видеото ќе ви биде доволно јасно како се прават тиквичките. Полнењето за перници го земав од Стружанка, а за рачките користев стапчиња од цимет кои ги залепив со силиконски пиштол. За другите тиквички, на стапчињата залепив бел коноп. Потребна ви е игла со доста голем отвор за да може да протнете волница. Обичен конец нема да ви заврши работа зошто лесно се кине.

Ако некој како мене што не знае копче да сошие успеа да ги направи овие тиквички тогаш може секој. Важно е да не се откажувате од прва, после третата тиквичка веќе се влага во штос.", пишува Драгана во описот на видеото.

Погледнете како таа ги прави своите есенски тиквички.

Објавено:
14 октомври 2022
Категорија: 
Направи сам
Прочитано:
2.962 пати